Претседателот на Косово Хашим Тачи објави дека го потпишал указот за воведување вонредна состојба во земјата, поради ситуацијата со ширењето на епидемијата на корона вирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тачи преку својата страница на Твитер утрово информира дека указот го потпишал согласно неговите уставни надлежности.
– Врз основа на моите уставни надлежности како претседател, по синоќешниот состанок со Советот за безбедност на Косово, потпишав указ за прогласување вонредна состојба во земјата поради ситуацијата предизвикана од вирусот Ковид-19, напиша Тачи.
Предлогот за вонредна состојба Тачи го изнесе синоќа, на прес конференција по седницата на Советот за безбедност, меѓутоа тој веднаш беше отфрлен од Владата на Албин Курти.
Триесетина минути по обраќањето на Тачи, прес конференција одржа вицепремиерот Хаки Абази, кој рече дека Владата смета оти се работи за „екстремна и непотребна“ мерка која може да ѝ нанесе штети на државата.
За да стапи во сила указот на Тачи потребно е за него да гласаат две третини од пратениците во Собранието.