Еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон се консултирал со платформите за стриминг, како Нетфликс, и побарал да внимаваат на капацитетот на мрежата поради зголемената побарувачка за интернет, јави дописничката на МИА од Брисел.
Поради сѐ поголемиот број на луѓе кои работат од дома, како и поради барањата за социјално дистанцирање, употребата на интернет неминовно ќе се зголеми, и Европската Комисија бара од платформите и операторите да направат сѐ за да избегнат преоптоварување.
– Европа и целиот свет се соочуваат со ситуација без преседан, владите преземаат мерки за намалување на социјалната интеракција за да се спречи ширењето на Ковид-19, и да се охрабри работењето од дома, како и онлајн образованието. Платформите за стриминг, телеком операторите и корисниците, сите имаме одговорност да преземеме чекори за непречено функционирање на интернетот за време на борбата против коронавирусот, изјавил Бретон во разговор со директорот на Нетфликс, Рид Хејстингс.
Поради ова, Европската Комисија бара, меѓу другото, стримингот на платформите да се прави со стандарден квалитет, наместо висока дефиниција, и платформите да соработуваат со телеком операторите.
Од телеком операторите се бара да преземат превентивни мерки, а од корисниците се бара да ги подесат своите направи на пониска резолуција.
Операторите во ЕУ предупредиле дека барањето е значително зголемено, иако досега не дошло до преоптоварување. Сепак, ЕК ја разгледува можноста за посебен механизам на мониторинг на интернет сообраќајот во секоја земја членка.