Министерот информираше дека корона вирус бил детектиран кај едно 4-годишно девојче од Штип, кое заедно со семејството на 14 март се вратило од Англија. Другите 5 случаи се од Скопје, Гостивар и три од Дебар.
„Се прави епидемиолошката анкета и се проширува листата на лица со кои контактирале новите пациенти од Скопје, Штип и Гостивар за земање брисеви. Во Скопје имаме еден нов случај, лице што било во контакт со претходно заболено лице. Во Гостивар е регистрирана жена заразена со коронавирус што е вратена од Швајцарија, која се јавила сама и рекла дека била во домашна изолација откако била во контакт со заболен во Швајцарија. Во Дебар имаме три нови пациенти“, рече Филипче и додаде дека сите пациенти се во стабилна состојба, како и единствената пациентка што е на респираторна машина.
Филипче најави дека пациенти заразени со корона вирусот од денеска ќе можат да бидат на третман и во градската болница „8 Септември“ и ќе се дефинираат посебни пунктови во рамките на Здравствениот дом на Скопје, за што наскоро ќе информираат.
Во Дебар од утре ќе се упати уште еден пулмолог и уште еден педијатар, заради тоа што таму има заразени здравствени работници- рече Филипче.
Денеска заседаваше и главниот Кризен штаб, рече министерот, се разговараше за повеќе прашања.
„ Утре ќе биде доставен потрошен материјал кој е потребен во Дебар. Ни пристапија и повеќе компании кои ќе изработат заштитни маски од соодветен материјал“, рече Филипче.
На Клинички се работи на подобрување на инфраструктурата, на подобрување на пристапот на Инфективна Клиника.
Сакам да се заблагодарам на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, ЈП „Улици и патишта“ за уште една линија за влез на хируршките одделенија, со што ќе се олесни пристапот до кампусот- рече Филипче.