Колку и да изгледа неблагодарно од оваа перспектива да се зборува, сепак, останува отворено изборното прашање и како со новонастанатата ситуација ќе се регулираат изборните прашања. Иако е постигнат договор за одложување на предвремените парламентарни избори, претходно закажани за 12 април, а за парламентарните избори ќе се одредува нов датум кога за тоа ќе се создадат услови, останува да се размислува како тие избори ќе се организираат и дали гласачкото право ќе биде максимално испочитувано. Не помалку битно прашање е колку тоа ќе ја чини државата, односно граѓаните.
Со оглед на реалните очекувања дека здравствената криза во која се наоѓаме не само ние, туку целиот свет и тоа како ќе нѐ вовлече во уште подлабока економска криза, прашањата за трошоците околу изборите, кога тогаш, ќе дојдат на дневен ред.
Три дена по ред Државната изборна комисија држи јавни седници за утврдување на кандидатски листи, утврдување на одлуката дека нема доволна бројка за гласање на дијаспората, како и влечење ждрепката за редните броеви на кандидатските листи во гласачкото ливче.
Односно, ДИК се однесува доследно на Роковникот за спроведување на изборите, како што велат, до официјална одлука донесена од Владата, која функционира во услови на вонредна состојба во државата.
Во разговор со претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, ставот на ДИК останува непроменет – нивната работа продолжува до добивање на официјална одлука дека изборите се одложени. Дури тогаш ДИК ќе може да постапува според одредбите што ќе ги донесе Владата, најверојатно во договор со политичките партии, учесници на изборите.
Деркоски потенцираше дека улогата на ДИК е да спроведува избори, а не да одлучува по сопствено убедување како тие би се уредиле, кога би се закажале и како би се спровеле.
Односно, прашањата на кои не добивме одговор од ДИК, а за кои беше укажано дека прерано ги поставуваме беа: Како и на кој би се уредиле изборите и какви импликации би имало тоа по буџетот што веќе е одреден за ДИК, што со платеното политичко рекламирање и сите активности преземени во врска со тоа, колку средства чинат изборите до овој момент…
Суштински прашања се и: Што ќе се случи со веќе донесените одлуки што се однесуваат на Избирачкиот список, неспроведување на гласањето на дијаспората, утврдените кандидатски листи и нивниот редослед на гласачкото ливче, дали ќе важи листата на избирачки места, дали ќе останат истите членови на Општинските изборни комисии, ќе важи ли регистарот на медиуми што можат да вршат платено политичко рекламирање, дали тој буџет ќе се пренамени, дали ДИК ќе продолжи со постапката за спроведување на парламентарни избори онаму кај што застанала или целиот процес ќе почне одново. Одлуката од Владата да се запре со работата на изборите, нема да значи многу. Овие прашања мора да се одговорат јасно, прецизно и транспарентно.
И тука, всушност, се враќаме на почетокот: Колку ќе ја чини државата, односно граѓаните доколку се донесе одлука целиот процес да почне одново. Дијаспората, ако никој друг, сигурно ќе се побуни и ќе бара поништување на веќе донесената одлука и рок за повторно пријавување на граѓаните што се со престој во странство.
Дека ДИК не е надлежна за ништо, освен да спроведува избори според законските мерки пропишани и одлучени од други субјекти, обично оние што најмногу имаат шанси да профитираат или изгубат на истите, укажува и денешната изјава на Деркоски, дека ДИК се надева Владата во текот на денешниот ден ќе донесе одлука како понатаму ќе се постапува, а ДИК ќе се однесува согласно со новонастанатите одлуки, со оглед на условите и вонредната состојба што ги наметнува пандемијата.
И ако веќе ДИК е ненадлежна, тогаш прашањата остануваат отворени и упатени до Владата и политичките партии. Се разбира, со надеж дека нивните одлуки ќе бидат во интерес на граѓаните и нивното гласачко право, но и во насока на тоа да нема дополнително оптоварување на државниот буџет, кој и така ќе биде дополнително исцеден со очекуваната економска криза.
На пример, ако пандемијата со Ковид -19 наметна потреба од онлајн кампања, зошто таа да не остане пракса и понатаму?
Биљана Јордановска / ЦИВИЛ Медиа