Онлајн-настава за студентите од понеделник треба да организираат сите факултети од државните и од приватните универзитети во земјава поради условите што ги наметнува ризикот од ширење на коронавирусот.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска имаше средба со ректорот на УКИМ и претставник на сите државни универзитети, проф. д-р Никола Јанкуловски, и со проф. д-р Томе Неновски, претседател на Конференцијата на приватни високообразовни установи.
По состанокот на прес-конференција тие соопштија дека универзитетите се информатички и технички опремени и професорите се подготвени да придонесат за организирање настава на далечина за студентите. Олеснителна околност, рече Адеми, е што, за разлика од основците од пониските одделенија, овде се работи за студенти кои се вешти во користењето на ИТ-уреди и едукативни алатки и апликации.
– Се согласивме во следните денови сите единици во состав на универзитетите да вложат максимални напори за да се воведе одредена форма на онлајн-настава во интерес на нашите студенти и да почне да се реализира од следната недела. Тој начин на настава не е неизводлив и, практично, дел од факултетите веќе го применуваат во регуларниот тек на студиската година, рече министерот за образование и наука.
Ректорот Јанкуловски соопшти дека денеска објавиле дневен ред за вонредна седница на Ректорската управа на УКИМ со подготвен правилник за функционирање на Универзитетот во вакви услови. Рече дека УКИМ уште на 11 март, пред да се прогласи мерката, ја прекинал наставата и веднаш воспоставил далечинско учење за речиси сите програми на единиците на Универзитетот.
-Веќе се во функција неколку видови платформи за далечинско учење. Направен е и распоред за работа на администрацијата која доаѓа на смени, со цел да се намали или да се избегне воопшто контактот помеѓу странките и вработените во администрацијата. Мислам дека на состанокот денеска се најде решение за непречено функционирање на одржувањето, пред сè, на додипломската настава на универзитетите. Се дискутираа евентуалните проблеми што понатаму би произлгле во врска со испитите, но се надевам дека и за тоа ќе најдеме решение, рече Јанкуловски.
Претседателот на Конференцијата на приватни високообразовни установи, проф. Неновски, истакна дека во услови во кои е важно да се заштити здравјето, неопходно е да се воспостави бесконтактен систем со едукативни алатки преку кои студентите ќе учат од дома и дигитално ќе комуницираат со професорите.
Рече дека и на Американ колеџ, каде што предава, исто така донеле одлука за прекин на наставата на 11 март, но дека едукацијата не е прекината.
-На универзитетот втора недела не се одржуваат активности, но во овој период не седевме со скрстени раце, туку презедовме мерки за да обезбедиме непречено одвивање на колоквијалната испитна недела која ќе се одржува од понеденик, а веќе од 30 март може да продолжи и наставата за вториот дел од семестарот, за што користиме исклучително квалитетни алатки, рече Неновски. Додаде дека ова е веројатно почеток на нова ера во организирањето и реализирањето на високообразовната настава во нашата земја.