57 годишна жена од Куманово е првата жртва во Македонија од КОВИД-19, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, а заразата кај неа била потврдена посмртно.
Резултатот кај жената двапати се покажал негативен резултат на тестот, но таа била ставена во изолација. По смртта бил земан брис и по трет пат и тој покажал позитивен тест.
Министерот изјави дека и нејзиниот 33 годишен син е хоспитализиран, кај кого од вчера има влошување на здравствената состојба па бил префрлен на Инфективната клиника и сега е во стабилна состојба.
Министерот апелираше уште еднаш од граѓаните да ги почитуваат мерките кои се донесени, да не излегуваат од дома доколку немаат итна потреба и дека сега најмногу е потребна поддршката и помошта од граѓаните.
„Мерките се за почитување, ако граѓаните не помогнат, здравствените работници сами не можат да се справат со епидемијата. Соодветен резултат ќе имаме само ако се почитуваат мерките. Бројот на заболените ќе се зголемува, но мерките мора да се почитуваат. Ништо не можат да направат здравствените работници, ако немаат помош од граѓаните“, истакна министерот Филипче.
Досега во земјава има потврдено 114 случаи позитивни на КОВИД-19.