Во последниве 24 часа во Република Северна Македонија има нови 29 заболени со корона вирус. Прес конференција на министерот за здравство Венко Филипче е најавена за денес, во 15,00 часот.
Владата и сите органи интензивно советуваат сите граѓани да ги почитуваат мерките за превенција, да не се собираат во групи поголеми од 5 луѓе, да одржуваат растојание од 1 – 1,5 метар, и најважно – да не излегуваат од дома освен во итен случај.
Оние кои се сомневаат дека можеби се инфицирани, да не одат кај матичните лекари, туку најпрво да се јават на бројот назначен за нивнот град.
Од министерството за здравство информираат дека „Во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на корона вирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12,00 часот, изнесува 114. По градови: Скопје (22), Штип (3), Дебар (2), Куманово (1) и Охрид (1).
Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1).
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. 7 пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 пациенти ќе се зема контролен брис. Од нив 5 се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа се уште е на респираторна машина. Пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите.“