Да го ограничиме пристапот до социјалните мрежи, кои може да ни ја зголемат вознемиреноста, да одржуваме редовен контакт со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите, да се превенираат напади на страв и паника, да се сочува присебноста. Одржувањето на позитивноста, рутината и креативноста во услови на ограничен личен контакт може да ни е од голема помош. Доколку тешкотиите опстојуваат, тука се стручните лица да понудат дополнителен совет и поддршка, вели во интервју за МИА, директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, д-р Стојан Бајрактаров.
Во врска со телефонската психолошка поддршка што ја нуди Клиниката за психијатрија за возрасни лица во самоизолација, за родители на деца од предучилишна и училишна возраст, како и за хоспитализирани пациенти од корона вирус и за граѓаните на Дебар и општина Центар Жупа, тој посочува дека граѓаните, главно, имаат потреба од соодветни информации за основните потреби и нивните доживувања, имаат потреба од поддршка при зголемена вознемиреност, страв, загриженост, несигурност, нарушен сон и проблеми во однесувањето.
Родителите на деца на предучилишна и училишна возраст психолошка поддршка може да добијат на телефонскиот број 072 912 676, возрасните лица во самоизолација на телефонот 072 919 009, а граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа, во соработка со Општата Болница во Дебар на бројот 070 241 807.
– Граѓаните ја прифаќаат психолошката поддршка, отворено споделуваат, ги прифаќаат советите и задоволни се што имаат пристап до ваква услуга во услови на ограничен личен контакт, додава д-р Бајрактаров.
Како функционира телефонската психолошка поддршка за граѓани и ранливи групи пациенти, колку повици досега се реализирани и што најчесто прашуваат граѓаните?
Универзитетската клиника за психијатрија нуди психолошка поддршка за возрасни лица во самоизолација, за родители на деца од предучилишна и училишна возраст, како и за хоспитализирани пациенти од корона вирус и за граѓаните на Дебар и општина Центар Жупа. Услугата се одвива телефонски од тим психијатри и психолози во одредени временски термини. Граѓаните, главно, имаат потреба од соодветни информации за основните потреби и нивните доживувања, имаат потреба од поддршка при зголемена вознемиреност, страв, загриженост, несигурност, нарушен сон и проблеми во однесувањето.
Колку лекари од Клиниката за психијатрија се вклучени во комуникацијата со граѓаните и какви се искуствата на лекарите од почетокот на телефонската психолошка поддршка?
За оваа услуга, како што кажав, е вклучен тим од психијатри и психолози, кои се достапни на телефонските линии за психолошка поддршка. Искуствата се позитивни и охрабрувачки од двете страни. Граѓаните ја прифаќаат психолошката поддршка, отворено споделуваат, ги прифаќаат советите и задоволни се што имаат пристап до ваква услуга во услови на ограничен личен контакт.
Која категорија граѓани има потреба од помош и најчесто каков вид психолошка помош бараат граѓаните од докторите од Клиниката за психијатрија?
Услугата ја нудиме за ранливата категорија граѓани, која вклучува родители на мали деца, возрасни лица во самоизолација, хоспитализирани лица и жители на општините Дебар и Центар Жупа. Најголем број граѓани, кои се јавија досега, имаат потреба од дополнителни информации, поддршка при зголемена вознемиреност, страв, загриженост, несигурност, нарушен сон и слични манифестации на анксиозноста.
Кои се дилемите на родителите на деца на предучилишна и училишна возраст, што ги советуваат вашите стручните лица, како полесно да ја надминат оваа состојба?
Родителите најчесто се загрижени за зголемена анксиозност кај нивните деца и проблеми во нивното однесување. Децата може тоа да го прикажат како раздразливост, плачливост, незадоволство, страв, повлеченост, несигурност, проблеми во исхраната и нарушен сон. Родителите, пак, главно имаат потреба од совет како подобро би можеле да пристапат кон нивните деца. Пристапот на стручните лица е индивидуален за секое семејство, но обично се темели на психоедукација, соодветно информирање за ситуацијата, воведување позитивни и креативни активности и содржини во домот, со цел растоварување на стресот кај родителот и детето, одржување структура на денот и планирање на активностите.
Колку лица досега побарале психолошка поддршка од повозрасната категорија граѓани кои се во самоизолација, може ли да ни кажете кои се насоките од стручните лица доколку се продолжи рокот за домашна изолација и во следните неколку недели?
Телефонската линија за возрасните лица е достапна за сите кои се во самоизолација и им е потребна. Нашиот тим пристапува индивидуално за секое лице и споделените тешкотии. Главно препораките за граѓаните вклучуваат соодветно организирање во пристапот до основни потреби (храна, лекови, хигиенски производи), да следат информации од релевантни извори, да се во редовен контакт со своите блиски преку телефонска или интернет-врска, да ги споделуваат своите мисли и чувства со лица од доверба, да воспостават рутина на активности во зависност од можностите и да се трудат да ја одржуваат својата позитивност. Едукација за основни вежби за релаксација е исто така доста препорачана метода во овие услови.
Дали се јавуваат граѓани од општина Дебар и општина Центар Жупа, и кои се нивните најчести прашања и главни дилеми?
За граѓаните од овие општини има посебна линија за нивна поддршка. Најчесто нè контактираат за вознемиреност, загриженост за сопственото здравје и здравјето на блиските, како и несигурност за некои од информациите кои ги следат и пристапот до основни потреби при ограничен личен контакт. Стручните лица се тука да понудат релевантни информации, да помогнат во согледување на достапните ресурси и капацитети кои ги имаат и да понудат алтернативни перспективи и можности.
Најавивте дека пациентите закажани во „МојТермин“ за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин можат да бидат реализирани телефонски, како и преку видеоврска на некоја од интернет-мрежите – дали и колку видеоповици досега се реализирани и за каков вид прашања?
Услугите за пациентите кои имаат закажано преку „МојТермин“ се одвиваат непречено. Клиниката за психијатрија телефонски ги информира закажаните пациенти за можниот начин на изведување на прегледите со примена на принципите на телепсихијатрија (со користење на апликациите Viber или WhatsApp). Покрај тоа, упатуваме апел до пациентите кои имаат закажано да се јават на непосреден преглед само во исклучително важна и итна ситуација. На овој начин го намалуваме приливот на пациенти, го редуцираме метежот по амбулантите и превенираме ширење на заразата. Апелот особено важи за категоријата пациенти на возраст над 65-годишна возраст, кај кои е највисок ризикот при евентуална зараза со корона вирусот. Пациентите на кои им е потребно пропишување хронична терапија може да се обратат кај своите матични лекари, според препораките на ФЗО и на Министерство за здравство.
Дали досега помош побарале хоспитализирани пациенти со корона вирус и кои се насоките за нив и воопшто која е вашата генерална порака до целата јавност како полесно да се надмине оваа кризна состојба, што негативно влијае врз психичкото здравје на сите граѓани?
Контактите со хоспитализираните лица се одвиваат во соработка со Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Од особена важност за оваа група граѓани е дека за нивното здравје се грижат стручни лица, кои вложуваат значителен труд и време во грижата за своите пациенти. Останатите институции и служби, исто така, се тука да го понудат максимумот за нивна заштита и помош. Во вакви моменти е важно да следиме и да споделуваме информации од релевантни извори, да го ограничиме пристапот до социјалните мрежи, кои може да ни ја зголемат вознемиреноста, да одржуваме редовен контакт со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите, да се превенираат напади на страв и паника, да се сочува присебноста. Одржувањето на позитивноста, рутината и креативноста во услови на ограничен личен контакт може да ни е од голема помош. Доколку тешкотиите опстојуваат, тука се стручните лица да понудат дополнителен совет и поддршка.