Младата шведска активистка Грета Тунберг на својот профил на Инстаграм навела дека има симптоми на коронавурус и дека се наоѓа во самоизолација.
Како што навела, последните две недели таа се наоѓа во својот дом, откако се вратила од патување по централна Европа. Додала дека се наоѓа во изнајмен стан, подалеку од својата мајка и сестрите.
„Пред 10 дена почнав да чувствувам некои симптоми, истовремено како и мојот татко, кој одеше со мене во Брисел. Чувствував замор, имав треска, воспаление на грлото и кашлица. Мојот татко ги имаше истите симптоми, но многу поинтензивно и со температура. Во Шведска не можете да се тестирате доколку не ви е потребна итна медицинска помош. Сите кои се чувствуваат болно се замолени да останат дома и да се самоизолираат. Поради тоа не сум тестирана на Covid-19, но големи се шансите да имам, со оглед на симптомите и околностите”, навела таа.
Додала дека речиси и да оздравела, но наведува дека поентата е во тоа.
„Речиси и да не се чувствував болно. Мојата претходна настинка беше многу полоша од ова. Да немаше друг со вирус истовремено, можеби и немаше да се посомневам. Тогаш само ќе помислев дека се чувствувам необично заморено од кашлицата”, напишала таа.
Нагласува дека тоа е причината зошто е сето ова многу опасно.
„Многумина, посебно младите, нема да почувствуваат никакви симптоми воопшто. Тогаш не знаат дека имаат вирус и можат да го пренесат на ризичните групи. Ние кои не припаѓаме во ризичните групи имаме огромна одговорност, нашите акции може да бидат прашање за живот или смрт на другите. Ве молам имајте го тоа на ум, слушајте совети од експерти и останете дома за да го забавиме ширењето на коронавирусот. И запаметете да водите сметка едни за други и да им помогнете на оние на кои им потребна помош”, навела Тунберг.