Северна Македонија ги започнува преговорите за членство со ЕУ. Министрите вчера ја усвоија ревидираната преговарачка методологија, предложена во февруари годинава од страна на Европската Комисија, методологија која би требало да го направи процесот пополитички и да им даде поголема контрола врз процесот на земјите членки на ЕУ.
Охридска група: Одлукатата за почеток на преговорите голем ден и за С.Македонија и за ЕУ. Честитка за даденото зелено светло од Европската Унија за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија преку писмо до претседателот Стево Пендаровски потпишано од поранешниот генерален секретар на НАТО Лорд Џорџ Робертсон упати Охридската група.
Казни до 8.000 евра за компаниите кои нема да ги почитуваат одлуките за замрзнување на цените. Државниот пазарен инспекторат од 19 до 22 март спровел 869 надзори за контрола на замрзнатите цени, при што кај одредени трговци од малопродажба е констатирана промена на цените на неколку производи, но субјектите, како што беше соопштено вчера, се веднаш задолжени да постапат по одлуката и да ги вратат старите цени од 11 март годинава.
Се запира примената на Законот за извршување до 30 јуни 2020 година. Според оваа Уредба, Член 2, како што стои во соопштението од владината прес-служба, утврдува дека извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен во предметите за побарувања врз основа на законска издршка, со распределба на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови, со дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба.
Во Куманово зајакнати мерки за справување со корона вирусот. МЗ и ИЈЗ треба да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки за спроведување на поголем број тестирања, со цел континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од коронавирусот, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општата болница во Куманово.
Со чартер летови ќе се враќаат граѓаните заглавени во странство. Дежурен тим во МНР се јавува на секој пријавен поединечно за да каже дека заради кризата ќе треба да имаат извесен надомест за трошоците за чартер летот и дека ќе треба да прифатат да поминат двонеделен карантин.
НЛБ и Халк банка денеска ќе ја исплатат мартовската пензија. Ги повикуваат пензионерите во интерес на нивна заштита да не користат готовина и да не ги посетуваат филијалите, туку да ги користат картичките и да се насочат кон електронското банкарство.