НАТО на својата веб-страна објави дека Северна Македонија го користи командниот систем за управување со кризи – НИЦС, кој овозможува брзо и ефикасно координирање на активностите на сите институции во рамки на националниот одговор на кризата со Ковид-19.
„Во 2019 година Северна Македонија го усвои системот НИЦС. Експертите од Центарот за управување со кризи во Северна Македонија сега брзо го адаптираа системот за подобрување на реакцијата на земјата на корона вирусот“, пишува Алијансата на својата веб-страна.
Понатаму се додава дека НИЦС и овозможува на јавноста пристап до информации во реално време за моменталната состојба со пандемијата во нивната средина, како и со информации за кого да контактираат во случај на потреба на храна и лекови.
Системот им овозможува на сите институции на Северна Македонија, како и организации како Црвениот крст, да комуницираат и да ги координираат нивните активности што е можно поефикасно.
Алијансата додава дека Северна Македонија ќе стане формално 30-та земја членка на НАТО подоцна во текот на денот (27 март 2020), по депонирање на инстументот за пристапување Северноатлантскиот договор во американскиот Стејт департментот во Вашингтон.