пишува БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Фрањо, му викам на папата, ако короните го убијат Христијана, дали ќе повикаш на крстоносна војна против вирусите!?
Тричко, ми вика папата, нека прво да го убијат, да го измериме нивото на националната потресеност, па да видиме колку ќе не кошта транспортот од Будимпешта, ако се случи таму да умре, а таму ќе умре, кај ќе умре, сите сакаме да умреме во родното место, па да видиме дали се на сигурно неговите рецепти против короната, рецесијата и здравиот разум, да прашаме ќе сака ли Заев нешто од тие пари да тури на своја сметка, не е сеедно дали ќе му ставиме плоча од пет сантиметри или лидерска од десет, што ќе напишеме на плочата, благодарна Северна Македонија или…и така натаму, лесно е за војна!
Така размислува папата.
Трпелив, толерантен и мудар човек.
Јас се согласувам со господинот Франциско: Смртта сама по себе не секогаш е доволна за војна. Почесто се случува животот да е многу поубедлив казус бели.
И затоа јас сакам да прашам што ќе правиме ние ако короната не го убие Христијана.
Ќе го убиеме ли ние!?
Како јавна личност, мислам, се разбира дека во таа војна сите треба да внимаваме да не му фали ниту едно надгазно влакно.
Или ќе го оставиме како мува зунзара да ни сере по прозорците и да ни го замаглува погледот кон отворениот свет!
И да ни нанесува светогледни, респираторни и психички трауми!?
Прв пат во едно соопштение на СДСМ, владејачката партија дозволува дека човекот е антидржавен и антинароден елемент. Вистина, перцепцијата на граѓаните во тоа обраќање, може да се смета за блага резерва и можност за некаква отстапка на нивото на поблага квалификација, но, сепак, тоа е единствената оценка во која СДСМ се доближува до вистинската природа на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер.
Проблемот, меѓутоа, не е само бавното доаѓање до вистината за злото, туку и надежта дека самото откривање ќе биде доволно за пораз на злото, дека народот ќе посака да се дистанцира од злото како што тоа го направи од себе во случајот со короната, значи, само врз основа на информациите за неговата, односно нивната смртоносност.
Тоа се вика обид за ослободување со помош на морализирање.
Се разбира дека тоа не е доволно. И кај злото викано вмро-дпмне вистината и точната информација треба да бидат придружувани со лекови, вакцини и опрема, со политички, културни и духовни респиратори, со ангажираност на стручни луѓе и на сите граѓани.
Мораме да преминеме во напад, а не само да се браниме.
Мицковски и неговите удави ги исполнуваа сите услови за симнување од јавната сцена и пред вонредната состојба. Во услови, пак, на вонредна состојба, тој чекор е само прашање на интерпретацијата и на интерполацијата. Но, независно од решението, треба да се каже дека тие ја користат епидемијата како што пироманите го користат бензинот кога го долеваат врз огнот, систематски се трудат да произведуваат елементи на хаосот, паниката и безизлезот, на очајувањето и огорченоста, систематски се трудат да ги слабеат позициите на власта, што е недозволиво во услови на војна, на тој начин тие се движат низ националниот и државен организам како специфични корони, како самоубијци завиткани во експлозивни прслуци од неверојатна бесчувствителност, психосоциопатска одлепеност и лудост. Така го напаѓаат Филипче, Заев, курсот на денарот, курсот на одбраната, курсот на безбедноста, курсот на здравиот разум, единствениот курс. Одбивајќи, се разбира, да ги искористат сите механизми да се вклучат во решавањето на проблемите на конструктивен начин, дури и кога се вклучени. Тоа е така затоа што тој не може да ја поими Македонија надвор од својата партија како што рибата не може да го поими животот надвор од водата.
Друга работа е зошто тие го прават тоа.
Се борат за власт по секоја цена!?
Да!
Сакаат во хаосот да најдат спас за лидершипот на својот велепредавствен криминал!?
Да!
Но, тоа не е само тоа.
Македонија мора да сфати дека криминалот, власта и пљачката не се цели на оваа злосторничка инсталација, туку се инструменти.
Целта е Македонија.
Смртта на Македонија.
Ситуацијата е прилично сложена.
Затоа што се движиме низ минско поле.
Потребно е внимателно опипување на теренот и движење кое сигурно нема да биде праволиниско.
Потребна е внимателна екстраполација на ситуациите.
Но, овие забелешки не значат дека во судирот треба да бидеме благи, најмалку пак нерешителни.
Само паметни и со јасна намера дека треба да му ја смачкаме главата.
Недоследност на политиките е да се изолираат луѓето што доаѓаат од земјите со висок ризик, а да се остави да се шета на слобода Христијан Мицковски.
Или неговата Лигња.
Но, сепак. Не би го апсел, макар што ги имам сите правни, безбедносни и здравствени причини да го сторам тоа. Мислам дека тој потег може да фокусира премногу општествената енергија што во вака деликатни ситуации не е најпаметно. Апсењето би можело да го сопре неговиот пад. Тој велелепен удолнички газолиз на еден скот. Нема смисла таа глетка да се прекинува за евтини спектакли со специјалци во раните утрински часови. Освен тоа, никогаш не треба да ја заборавиме тезата дека Мицко не се глупира без везе, туку се глупира со идеја да го закопа вмро-дпмне, дека тој е тројанско муле во вмронската тврдина. Дека во тој статус и со таа цел има поддршка на важни меѓународни фактори.
Хахаха!
Короната ни помага во оваа диференцијација.
Се надевам дека Македонија ќе знае да се обедини и против овие корони.
После бомбите и крвавите пучеви, ова е трета рентгенска снимка на која точно се гледаат вморонските шипови во костурот на Македонија.
Малку акупунктура, малку физикална терапија, малку инекции, малку народна медицина, облоги од кантарион, домати и зелка, можеби, по некоја пијавица и ќе се исправиме.
Сите права се задржани.