пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Сакал нејќел, го гледаш. Некој се налутил, друг не може да му се изначуди на глупоста, трет исто како вториот. И што дека го гледаш и што дека го читаш…
Гледаш дека тотално погрешна стратегија и од политички, а најбитно и од човечки аспект му спремиле пи-арите вмровски. Па си велиш – што може да се очекува од таква структура, потсети се само што правеа до пред три години, а тоа се истите луѓе, од истите места се изнедрени. Па ти текнуваат: наменските интервјуа на сите режимски телевизии, па контрапротестите, се сеќаваш дека не постоеше тв дуел на различни политички ривали, па милионските репортажи и спотови и тоа не со партиски, туку од наши буџетски пари покриени за да ги задоволат аждерските апетити на латасовци, курирци, алфовци и слична багра. Сакал ти или не, ти маваат флешови на сцените со приведуваните зашто не успеале првиот пат камерите да ги снимат, па се сеќаваш на изјавите со ножевите, па како на два пати тепаа пратеници, молкнеа новинари, ма сè живо газеа во Парламентот… и еден куп такви епизоди. Ма не епизоди, туку цели серии припремани сценарија во визбите од „белата палата“ ти пролетуваат пред очи.
А, од друга страна ти велат добронамерните пријатели игнорирај го Мицко брат, шо се замараш, отепана работа се, ништо не им поминува. Ти велат погледни ги последните анкети еве и кај „Детектор“ од Цаци веќе не поминуваат. Завршено е со нив. Па си велиш, убаво велат луѓето, да не губам енергија со „завршени приказни“, да видиме што може да се направи за да се излезе што побезолно и да се помине ова време-невреме, да видиме како се справува светот, да прилагодиме нешто. Баш ми падна во очи еден предлог во Словенија како може самите граѓани да им помогнат на малите бизниси со купување на купони и слични ствари. Ти паѓа на памет дека „Групер“ од министерката Нина може да помогне во имплементирање на мерката. Користиш пригода и се велиш да пишам повторно, овој пат можам да ја повикам директно министерката, може ќе реагира. Продолжуваш во меѓувреме читаш реакции од фиљан луѓе како предлагаат битни ситници како да се олесни транспортот од странство со авиони на нашите што се враќаат дома, а ќе одат во карантин. Се обидува секој како знае и умее, па предлагаат луѓе некои практични работи кои вршат голема работа. Во меѓувреме го следиш Самир Љума еден од хероите од „Медена земја“ и него го задесила непогодата, па мора во карантин. Налетуваш и на емотивното искуство со карантинот од актерката Ана Костовска. Ги чекаш Владе и Ема да пишат, рефрешираш секој час, да видиш како се, ќе се вратат ли дома безбедно. Се слушаш со блиски сега многу повеќе отколку порано, зашто ти недостасуваат, но знаеш дека мора така, ама ти недостасуваат.
Читаш сѐ, пишуваш, споделуваш за тоа, за луѓето да знаат дека не се сами на себе оставени, пишуваш за ако ништо друго, за да покажеш дека ти е грижа.
Има и помалку позитивни искуства од нашите што се враќаат и тоа може да се види, но сепак генралниот впечаток е дека некако оваа наша држава се бори и знае, дека има луѓе професионалци, луѓе кои се вложуваат себеси за да помогнат, луѓе кои пожртвувано не се штедат да им олеснат на другите. Ги гледаш докторите, ја гледаш полицијата, војската, го гледаш Филипче и другите министри, како се носат со ситуацијата и си велиш, ма далеку сме од идеални, но далеку сме и од неспособни.
Читаш повторно на социјалните мрежи секакви реакции на луѓе, најчесто тоа се коментари со емпатија, со чоештилук, но ги има и оние од кои ти се превртува во утробата и колку и да се трудиш да ги игнорираш, остануваат да те мачат и си велиш – па ова се нечии соседи (можеби и мои), нечиј брат е ова, сестра, мајки се бе овие луѓе-нелуѓе. Од каде им таква омраза, се прашуваш?
Им погледнуваш на профилите и (покрај фотки од семејните веселби) ја гледаш стандардната иконографија: крстови, полумесечини, кама и пиштол и од егзекуции, од лавови или орли. Простете ми, знам дека сите тие етнички или верски симболи се навистина злоупотребени, но најчесто тоа е иконографијата што паѓа во очи кај овие нелуѓе. И сите тие се „наши“, но луѓе не се.
Ќе нѐ солидаризира кризата само тие што се солидаризираме секогаш. Фашистичката стока ќе си остане стока засекогаш. И не, тука нема партиска припадност, туку луѓе или говеда. Не зборувам овде за партиска припадност, ами за поклоненици кон клика која не признава ни партија ни религија, ами злоупотребува позиција на моќ, најчесто политичка, а злоупотребува и догма, најчесто религиска.
И пак ми паѓа концентрацијата. Гледаш собрал Мицко илјада и кусур лајка на искажани чиста лага, клевета и пизма. Се чудиш како е можно тоа, се сеќаваш на советите од пријателите да ги баталиш, не успеваш, и повторно се враќаш на коренот од каде што никнува омразата, а тоа е политиката и политичките актери што практикуваат насилна реторика, но и не само реторика. Па се сеќаваш на снимките „бомбите“ па на она животинско кикотење од Грујо ти текнува, го слушаш неартикулираното грофтање од Мијалков кога разговара со Латас, од Горде, од Ставре, па ти текнува на ендеците од Протуѓер, на шамарите за Жерновски, на со динамит, со хилта тоа… и гледаш дека пак завршува во истиот тој кош, во истата таа црвосана и сега нашминкана гајба – палата. И повторно за жал завршува во врвот на политичка партија, завршува кај Мицкоски и тие околу него.
Ја читам последната преписка која Рашкоски ја обелодени и пак ми се потврдува тој впечаток, дека кај овој вмровски лудер ништо нема поразлично отколку кај оној пред него. Го читам и денес Мицкоски кој рафално пука со апокалиптични сценарија преку куп соопштенија зашто не може да се соземи дека државата успешно се справува со ситуацијата и во вакви ненормални услови и навистина ми се потврдува дека кај Мицкоски ништо не е поинакво, отколку кај Грујо. Овој човек и тие околу него за да ќарат некаков ќор политички поени готови се да погазат и држава и сѐ што е нормално и човечко. Ним не им е грижа дека секојдневно нивните клевети се демантирани. Ним не им е грижа кога нивниот потпретседател Николовски вели јавно дека во март нема отпочнување на преговори со ЕУ, а ваму му залепува шамар ЕУ и го демантира баш во март. А што може да очекуваме од таков потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој шири лажни вести и е демантиран директно од Обединети нации?
Од друга страна пак, оваа борба ја препознаваат и признаваат и европските и светски авторитети од СЗО, а таа пожртвуваност ја потврдуваат лидери од демократскиот свет. Ва вакви-никакви услови се состанал преку видео конференција шпанскиот Парламент само за да го ратификува Протоколот за да влеземе во НАТО. Гледаш дека и покрај сета мака што ги задеси италијанците, шефот на нивната дипломатија испратил до нашиот Димитров, честитка за отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Дури го пишувам ова се спрема подигнувањето на македонското знаме на јарболите пред седиштата на НАТО во Вашингтон и во Брисел.
И, од друга страна го гледаш Мицкоски кај „мали Чом“.
Го имаш тоа признание од демократскиот свет од една страна, а од друга го имаш Мицкоски претседател на најголемата опозициска партија кој и во вакви околности гордо го носи будипештанскиот товар со себе и настрана од тоа никако јаден Мицко не сака да се отараси од тоа, туку го надградува и проширува товарот. Каква трагедија од човек, каква трагедија од партија.
Пред некој ден креативни дечки им поставија компас пред седиштето на „белата палата“, кој покажуваше правец ЕУ⇔НАТО. Ќе требаат многу повеќе навигациски направи и апликации за Мицкоски и компанија да фатат макар човечки, ако веќе никако не можат некаков основен европски азимут на движење, но вакви какви што се, за жал, ништо, па ни тоа не може да им помогне.
А ние, таму сме – и во НАТО и кон ЕУ.