Околу полноќ, 29 спрема 30 март, се очекуваше да слета авион со 180 наши сограѓани кои стигнуваат од Бон.
„8 автобуси се подготвени, со темелна дезинфекција, со заштита на возачите и со обезбедени закуска и вода за патниците. Согласно протоколите за државни карантини, граѓаните ќе се упатат во хотел Дрим во Струга, каде ќе поминат 14 дена во изолација“, извести Владата таа вечер илустрирајќи ја веста со фотографии.
Од моментот кога се донесе одлука за државен карантин, 19 хотели и едно детско одморалиште беа отстапени за потребите на луѓето што се враќаат од странство.
Се разбира, на социјалните мрежи се појавија отровни коментари, но преовладуваат позитивните, на сметка на начинот на организирањето на трансферот, летовите, а секако и за сместувањето. „Карантин, изолација, права уживанција“, напиша една наша сограѓанка од балконот на хотелот каде што е во државен карантин.
За споредба, „бунтовниците“ кои најчесто и не се дел од патниците што се враќаат, може да им послужи видео прилогот на nova.rs.
„Стотици српски туристи кои конечно слетаа во Белград по неколкудневниот притвор на аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз, беа ставени во карантин во центарот за мигранти во Суботица, а денес, по неколку часови неизвесност и дискусија со припадниците на полицијата и армијата, тие повторно се сместени во автобуси и испратени до Воено средно училиште во Белград, каде исто така би поминале 28 дена во карантин“, велат до nova.rs. Видеото е објавено на 24 март.
Б. Ј.