Министерството за здравство како невистинити ги оцени информациите што ги сподели во интервју за Канал 5 телевизија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека државата има тестови за коронавирусот за само неколку денови. Во моментот, информираат од Министерството, државата на располагање има 4.500 тестови, со неделно надолнување од 2.000 тестови, а се чека во секој момент да стигне донација од 20 илјади комплети за тестирање. Од МЗ велат дека има и дополнителни 5.000 тестови – донација од приватна лабараторија од Скопје.
-Најостро ги осудуваме инсинуациите, обвинувањата и невистинитите информации дека во нашата земја има тестови за само неколку дена, пласирани од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. Ненавлегувајќи во причините за ширењето на такви информации, Министерството за здравство упатува апел да не се шири паника со пласирање на непроверени и лажни информации и уште еднаш истакнува дека тестови за утврдување на присуство на коронавирусот има доволно за да ги задоволат потребите на нашата земја, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Во него се додава дека во моментот Институтот за јавно здравје располага со 4.500 тестови, со првичната набавка неделно се надополнува количина од по 2.000 теста. Во секој момент очекуваме да стигне донација од 20.000 комплети за тестирање и имаме дополнителни 5.000 теста донација од приватна лабораторија во Скопје, кои се сосема доволни за потребите според вкупниот број на население во нашата земја.
-Министерството за здравство уште еднаш потсетува дека потсетува дека според бројот на тестирања на милион жители, нашата земја е меѓу првите 30 – 40 земји во светот со над 2.100 тестови на милион жители. Досега се извршени вкупно 4.506 тестирања. Со вклучувањето на повеќе лаборатории за тестирање, бројот на тестирања дневно е помеѓу 350 – 390 во лабораториите на Институт за јавно здравје, Ветеринарниот факултет, Биотек, Клиниката Жан Митрев и Авицена, се додава во соопштението од МЗ.