Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.710.172 лица заразени со новиот корона вирус. Од нив починати се 103.506, а оздравеле 382.049 луѓе.
Подгорица – За последните 24 часа во Црна Гора од тестирани 160 лица има пет новозаболени од корона вирус, со што вкупниот број изнесува 262, соопшти Институтот за јавно здравје.
Бања Лука – Во Република Српска регистрирани се 11 нови случаи на коронавирус, со што бројот на заразени се зголеми на 39а, изјави министерот за здравство и социјална заштита Ален Шераниќ. Тој додаде дека во изминатите 24 часа се тестирани 448 лица и дека присуството на вирусот е потврдено кај 11 од нив. Досега се излекувани 110 пациенти.
Будимпешта – Бројот на регистрирани случаи со Ковид-19 во Унгарија е зголемен на 1.310, а осум пациенти починаа во последните 24 часа, соопштено е утрово на владината веб-страница. Вкупниот број смртни случаи достигна 85, излекувани се 115 лица. Најголем број инфецирани има во Будимпешта – 655. Моментално во домашен карантин се наоѓаат 17.490 лица.
Москва – Во Русија се регистрирани 11.917 случаи на заразени со коронавирус, а 795 пациенти се излекувани. Најголем број заразени има во Москва – 7.822. Во земјата досега има 94 смртни случаи од Ковид-19.
Нурсултан – Уште 28 случаи на заболени од коронавирус се регистрирани во Казахстан, со што вкупниот број изнесува 840, соопшти Министерството за здравство. Досега 64 пациенти се излекуваа, а десрт починаа. Во земјата од 15 март е воведена вонредна состјба, а градовите Нурсултан и Алмати од 19 март се во карантин.
Каиро – Бројот на потврдени случаи на заразени со коронавирус во Египет достигна до 1.794. Новозаразени се 95 лица, излекувани се 384, а вкупниот број на починати изнесува 135, соопшти египетското Министерство за здравство.
Пекинг – Во Кина се регистрирани 46 нови случаи на заболени од коронавирус, од кои 42 се пријавени како патници од странство. Вкупниот број инфицирани достигна 81.953. Бројот на смртни случаи се зголеми за три и изнесува 3.339.
Бангкок – Тајланд денеска соопшти дека во земјата се регистрирани 45 нови случаи со коронавирус и уште два смртни случаи. Вкупниот број заразени изнесува 2.518, а 35 се починати.
Мелбурн – Властите на Нов Зеланд соопштија дека досега четири лица починале од Ковид-19, од кои двајца постари пациенти во последните 24 час, што е најголема дневна смртност. Бројот на новозаразени е 20, а вкупниот број изнесува 1.035 лица.