Графичкиот дизајнер Небојша Гелевски – Бане, попознат како Бане Кома, освен што активно работи со нови кадри во графичкиот дизајн и секогаш креативно претставува некоја актуелна тема на социјалните мрежи, овој викенд, 61-часовното седење дома го искористи за инспиративна уметничка инсталација.
Вирусот е сеприсутен. Секојдневната инеракција со луѓето, предметите и природата го илустрира најдлабокото влијание на пандемијата врз нашите општества.
Затворањето во нашите домови, всушност стана можност и отварање на нови перспективи, размислувања или преиспитувања за нашите приоритети, стравови, нашата интеракција со природата, семејството, пријателите, вредноста на слободата, влијанието на политиката, грижата за менталното здравје, интроспекција на нашето однесување (особено интересните феномени како грабањето тоалетна хартија…).
Во овие уметнички инсталации, главниот лик е „научник“ со заштитна облека, кој е всушност персонификација на напорите на обичниот човек да се справи со предизвиците, да го разбере и да се прилагоди на промената на околностите заради пандемијата со корона вирус.
На фотографиите кои треба да се гледа потребата да се овековечи нешто весело, нешто убаво, но сепак како сенка понекогаш се гледа мрачната атмосфера.
Криејќи се од вирусот, со постојани промени на расположението, ставовите и надежите, ненадејно откривме микро космоси кои инаку ги занемаруваме.
Гледајќи се себеси како предмети, нашите реакции и соодноси, ни го отвара прашањето: како ќе се промениме? Ќе станеме ли помудри по коронаизолацијата?
Гелевски посакува на крајот да дејствуваме одговорно, да останеме дома и да ги почитуваме препораките на медицинскиот персонал, научниците и надлежните.