По вревата која настана по синоќешниот инцидент во населбата Ченто и безбројните коментари во и надвор од темата, еден од одговорите дојде од Коста Петров кој на денешната прес конференција, за разлика од неуспешниот прес на техничкиот министер за внатрешни, Наќе Чулев, имаше што да каже.
„Дали како партија ќе го осудите вчерашното таканаречени протести на дел од граѓаните во населбата Ченто, кои наводно поставувале лежечки полицајци за време на полициски час, а притоа ја попречуваа работата на МВР? Како ја оценувате реакцијата на градоначалникот од вашите редови Борче Георгиевски?“ – гласеше новинарското прашање до Петров.
„Како партија ги осудуваме сите непочитувања на мерките на Владата на Република Северна Македонија, она што би сакал да напоменам е дека пораката на градоначалникот на Гази Баба имаше една цел, да ја смири ситуацијата. Би сакал да кажам дека сите сме еднакви пред законот и законот важи подеднакво за сите“ – одговори Петров.
„Она што можам да го потврдам е дека МВР има поднесено три кривични пријави за три лица, а најавени се и мерки за сите други што излегле на улица“ – информира Петров кој упати и апел до сите граѓани „да не дозволиме еден изолиран инцидент да ја засени одличната работа на стотици здравствени работници, на сите институции и на сите граѓани кои седат дома, се борат против овој смртоносен вирус“.