Министерот за Здравство, Венко Филипче истакна дека сценариото за опасност за владините функционери било предвидено следејќи ги примерите во светот каде исто така функционери биле заразени или во опасност да се заразат од Корона вирусот.
На прес конференцијата одржана преку видео конференција од својот дом, Филипче ја увери јавноста дека владата и институциите ќе работат без никаква пречка а и контактот со медиумите ќе биде на исто темпо како досега.
„Вакво сценарио предвидовме дека може да се случи, имавме примери во повеќе земји кадешто повеќе функционери поминаа низ оваа ситуација. И во таа насока сакам да ги уверам сите дека сите процеси остануваат под максимална кординација со целосна комуникација секојдневна со сите претставници на здравствените институции, во процес во којшто практично бевме и досега, а ќе го продолжиме и во следните денови. Во било кој момент ќе бидам достапен и за претставниците на медиумите, да одговорам на било кое прашање, а на ваков начин – онлајн ќе ги држиме и прес-конференциите”, изјави Филипче.
Тој рече дека се многу мали шансите да се заразиле во Куманово и тој и неговите колеги од владиниот кабинет кои учествувале на средбата со општинскиот штаб, бидејќи како што кажа, носеле маски и ги почитувале заштитните мерки. Но, како што нагласи, се одлучил на самоизолација за да даде пример на другите како треба најдобро да се постапува на слични ситуации.
„На анкетата денеска со епидемиолозите утврдивме дека ризикот да сум инфициран во Куманово е многу мал, заради маската која ја носев јас и колегите коишто присуствуваме, меѓутоа одлучив да работам од дома и да дадам пример за другите дека овој е начинот на којшто треба да се постапува”, изјави министерот Венко Филипче на онлајн прес-конференцијата.
А. Зеќири