Ќе се испитува случајот во Битола, починатиот притвореник и трудниците се негативни, а во кумановска болница само двајца од 200 тестирани се позитивни.
После написите во медиумите, министерот за здравство Венко Филипче денеска разговарал со директорката на клиничката болница во Битола во врска со случајот којшто е таму диагностициран а којшто неколку дена лежел на интерното оделение. Но поради различните информации, овој случај ќе го истражи санитарно здравствениот инспекторат.
„Има информации дека тој бил во делот за изолација, но со оглед дека има различни ставови и мислења тој случај ќе го истражи државниот санитарен и здравствен инспекторат уште во следните денови, и после направениот увид на целата документација, текот на движење на пациентот ќе излеземе со соопштение”, изјави Филипче.
На вечерашната онлајн прес-конференција, министерот Филипче извести дека кај младиот затвореник кој почина во затворот во Шутка тестот е негативн, но лекарските тимови продолжуваат со работа и ги тестираат другите затвореници во таа институција.
„Неговиот тест на корона вирусот е негативен, таму продолжува активната работа на лекарите во смисла на тестирања и прегледи, во текот на утрешниот ден ќе го имаме точниот број на направени тестови после што тој ќе го соопштиме на јавноста”, додаде Министерот за здравство.
Филипче зборуваше и за информациите за кумановската болница каде биле тестирани 200 лица од персоналот кои биле во една смена, и од тестот на антитела, само двајца резултирале позитивно и на истите ќе им се направи дополнителен тест за присуство на вирусот корона.
„Направени се тестирања на скоро сите во еден смена од вчерашниот ден во Болницата во Куманово, тој процес ќе продолжи и во текот на следните денови, една форма од антитела може да укажува присуство на вирусот и од 200 земени материјали кај само двајца вработени го има тој позитивен тест на антитела тие ќе бидат дополнително тестирани на корона вирусот за да знаеме каква е нивната состојба точно, клинички се стабилни и тие се асимптоматски”, изјави министерот Филипче.
Тестирани се и десетина трудници кои се хоспитализирани на гинеколошко акушерската клиника и добрата вест која ја најави министерот за здравство, е дека сите тие тестови се негативни.
А. Зеќири