пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Генералот Методи Хаџи-Јанев го нападна Фронтлајн на начин кој не му доликува ниту нему, ниту на институцијата која ја претставува. За тоа да го направи, се служи, според мене, несоодветно, со одлуката на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на која веќе одговорив.
Имено, Хаџи-Јанев го обвинува за лажни вести интернет порталот во кој јас сум главен и одговорен уредник. Го упатувам генералот да ја расчисти прво ситуацијата во Генералштабот од кој ги побаравме сите потребни информации. Одговорот од ГШ уредно го објавивме како дел од текстот кој го проблематизира ген. Хаџи-Јанев.
Што се однесува до потписот на текстот за кој генералот, меѓу другото, реагира, веднаш да ги известам и него и јавноста: потпис на текстот има и тоа е FRONTLINE. Го подготви тим на надворешни соработници на Редакцијата кои, од причини што се очигледни и од реакцијата на генералот, одлучив да не ги потпишам со име и презиме. И сега сметам дека тоа е исправна одлука.
Во интерес на јавноста е да биде запознаена со фактите во врска со оваа реакција на генералот.
Имено, точно е дека генерал Методи Хаџи-Јанев ме контактираше неколку пати за да се сретнеме. Во ниеден момент не одбив средба, туку нашите агенди беа сосема различни. Едноставно, не успеавме да се сретнеме. Јас ја разбирам неговата презафатеност, но редно е и тој да има разбирање за времето на другите.
За волја на вистината, писмо со демант навистина е испратено на платформата за пораки на Фејсбук, но го забележав во комуникацијата предоцна, кога веќе беше започната постапката во СЕММ. За тоа, и единствено за тоа, можам да му испорачам искрено извинување поради превидот кој е од чисто техничка природа. Секојдневно добивам троцифрен број пораки по електронски пат, невозможно е сите да ги регистрирам. Редакциската електронска адреса е уште пооптоварена. Затоа, уште еднаш, сметам дека е редно да се извинам што не сум бил повнимателен и не сум го објавил демантот. Тоа е технички пропуст и во никаков случај не е намерен. Доколку изрази желба, можам да му го објавам дополнително, уште утре. Мојот телефонски број го има.
Што се однесува до обвинувањата што Хаџи-Јанев јавно ги изнесе против мене и против интернет порталот каде што сум главен и одговорен уредник, сметам дека сега токму тој треба да се извини. Ген. Хаџи-Јанев на социјалните мрежи, меѓу другото, напиша:
Комплексноста во борбата против лажните вести е токму заради тоа што во неа може да бидат заглавени и медиуми (портали) кои тврдат дека се борат против нив, а самите тие шират лажни вести. #Fronlinemk е еден од порталите кои е на работ да стане предвесник на оваа пракса. Во текст објавен на нивниот портал беа изнесени грст лаги и невистини со кои меѓу останатото бев лично дискредитиран. Без да навлегувам во позадината кој стои зад текстот и зошто (бидејќи нема автор) најуредно со факти пристапив и побарав тоа да биде исправено. Советот на Етика на Новинарите вчера електронски ме извести дека по согледување на сите факти, меѓу другото, порталот #Frontlinemk го прекршил кодексот на новинарите. Доколку уредникот лично не ми се извини и тоа не го објави, за жал ќе морам да ја барам правдата по регуларните канали.
Јавно го изразувам својот остар протест и со индигнација ги отфрлам обвинувањата од генералот Методи Хаџи-Јанев! Ваквото јавно произнесување од човек на висока и одговорна функција во Армијата, го сметам и за јавен притисок врз медиумите и слободата на изразувањето. Воедно, сакам да ја искористам приликата да ја изразам мојата почит и безрезервна поддршка за Армијата на Република Северна Македонија.
Јавноста треба да знае дека Редакција Фронтлајн, со најчисти побуди и најдобри намери, ги испрати следните прашања до Генералштабот на 25 февруари 2020 година:
- Зошто ГШ и НГШ немаат јавен и јасен став за посочувањата за лоши состојби во армијата од страна на опозицијата? Дали воопшто имаат став по армиските прашањата пласирани во медиумите?
- Дали состојбите навистина се такви за какви се прикажуваат и доколку се, што превзема ГШ за да се надминат?
- Дали тоа значи дека ГШ и генералите воопшто не се загрижени за состојбите во армијата?
- Дали тоа што петмина од актуелните генерали биле аѓутанти кај Претседателот Иванов мораат да искажуваат наклонетост кон одредена политичка структура, а со тоа да ги игнорираат политиките на актуелното раководство на МО?
- Како е унапреден генералот Методи Хаџи-Јанев согласно важечките норми на Закон за одбрана? Тој е доктор по меѓународно право и не ги исполнува условите.
- Како ГШ ги оценува последните мерки за зголемување на платите и исплатата на надоместоците за припадниците?
- Зошто НГШ се дистанцира од Претседателот Пендаровски и министерката Шекеринска? На јавните настани од голема важност никогаш не стои до нив, иако би требало.
- Ако се провери архивата со фотографии на МО и АРМ секогаш било правило државниот врв, вклучително и МО и НГШ да бидат заедно, но откако на тие позиции се Шекеринска и Ѓурчиновски тоа не е така. Особено ако се дига знаме на НАТО или се строи цела армија и слично.
Генералштабот, одговори експресно, истиот ден, во 18:04 часот, на следниот начин:
Генералштабот на Армијата во неколку наврати досега меѓу кое и со последното соопштение до јавноста од 30.12.2019 година, јасно и категорично го искажа својот став во однос на обидите за нејзино инволвирање во контекст на актуелните политички случувања во државата, при што повторно истакнуваме:
Армијата секогаш била, е и ќе остане надвор од било какви и на било кој начин вмешувања во внатрешните збиднувања на политичките субјекти и нема да дозволи внатрешната кохезија и единство да биде нарушена од јавно објавени или изразени ставови или тврдења.
Генералштабот категорично стои против сите обиди за нарушување на макотрпно и достоинствено градениот углед и кредибилитет кој го има стекнато кај граѓаните кој е препознаен во општеството од осамостујувањето до денес.
Армијата на Република Северна Македонија останува доследна во извршување на својата Уставна мисија и задачи и на најпрофесионален начин ја насочува целосната енергијата во спроведување на предвидените реформски процеси согласно високите стандарди, кои се очекуваат од нас како скорешна полноправна НАТО членка, притоа грижејќи се за зачувување на безбедноста на граѓаните, суверенитетот и државниот интегритет на нашата татковина.
Секој обид на девалвирање на активностите на Армијата кои ги спроведуваме исклучително во рамките на своите надлежности предвидени со законските одредби и понатаму ќе го докажуваме со целосна посветеност и залагање за успешно извршување на поставените задачи и одлуки на надлежните државни институции во одбраната.
Ниту Портпаролот на Генералштабот, ниту пак ген. Методи Хаџи-Јанев како дел од Генералштабот (кој, како директно прозван, по логиката на нештата, требало да биде интерно известен за прашањата и од него да биде побаран одговор), не дадоа конкретен одговор на поставените прашања од интернет порталот FRONTLINE.MK, па така, немаше конкретен одговор ни на 5-тото прашање.
Поради тоа, неспорен е фактот дека интернет порталот FRONTLINE.MK се обиде да добие конкретни информации од Генералштабот, а преку него и од Методи Хаџи-Јанев, но обидот остана безуспешен.
Оттука, во конкретниот случај, без добиен (а побаран) одговор од ГШ и Методи Хаџи-Јанев, не може да се обвинува Порталот за неточно и нефер известување и незастапена втора страна, а никако за лажни вести, како што обвинува генералот во својата јавна порака на социјалните мрежи.
Ненадоместлива е штетата од лажните вести, говорот на омразата и пропагандата. Не може да се надомести штетата од злоупотребата на моќта, корупцијата и структурното насилство. Се борам против овие појави и како активист за човекови права и како професионалец, во текот на повеќе од трите децении професионален ангажман во земјава и во светот. Ќе продолжам така. И не сум единствениот. Нашиот „грев“ е во тоа што ги поставуваме прашањата кои други не се осмелуваат да ги постават.