Градскиот парк во Скопје, на познатата локација „Школка“, од утре, 13 мај, повторно ќе биде центар на добрата енергија, врвното македонско вино, богатата гастрономија и квалитетната музика. Утре започнува јубилејното 15. издание на фестивалот „ВИНОСКОП 2026“.
Фестивалот, кој се организира под покровителство на Град Скопје, ќе трае пет дена, односно до 17 мај 2026 година, и ќе понуди богата програма за сите љубители на виното, музиката и урбаното дружење.
Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни видови вина од бројни македонски винарии и производители. Покрај винската понуда, фестивалот ќе понуди и разновидна гастрономска содржина, како и музичко-забавна програма со настапи на домашни музички изведувачи, бендови и диџеи.

Организаторите ја објавија и саатницата за фестивалските денови:
Во среда и четврток, програмата започнува во 18:00 часот.
Во петок, забавата започнува нешто порано, во 17:00 часот.
За време на викендот, во сабота и недела, посетителите ќе можат да уживаат во дневната програма која започнува од 12:00 часот.
Годинава, „ВИНОСКОП 2026“ носи тематски музички вечери, како и специјална дневна програма под концептот „Блуз и вино“, наменета за љубителите на автентичниот звук и добрата атмосфера.
Преку организацијата на овој традиционален настан, Град Скопје ја продолжува поддршката и промоцијата на македонските производители на вино, винската традиција и потенцијалот на земјата за развој на винскиот туризам.
Град Скопје и организаторите ги покануваат сите граѓани и посетители да бидат дел од „ВИНОСКОП 2026“ – пет фестивалски денови исполнети со вино, музика, гастрономија и незаборавна дружба во срцето на Скопје.







