Ако имате профил на која било социјална мрежа, веројатно знаете дека постои серијата „Kуќа од хартија“ („La casa de papel“) и дека сите ја гледаат.
Неодамна излезе и четвртиот дел (вториот дел од втората сезона). Во само два дена серијата на светско ниво стана побарана од која било друга серија, дури и од „Игра на троновите“ и „Живи мртовци“. Поточно, само во првата недела овој шпански хит го погледнале 34 милиони гледачи, а во овој момент тоа е најгледаната странска серија на оваа платформа.
Станува збор за крими-серија за осум крадци кои земаат заложници и се затвораат во Кралската ковачница на пари, а умот зад целата операција манипулира со полицијата однадвор за да ја изврши својата намера. Се разбира, приказната станува многу покомплексна, но тоа е основниот заплет од каде што почнува сè.
Првата сезона се појави во 2017 година, а внимание привлече како прва серија за грабеж на шпански јазик и дело на сценаристот Але Пине и режисерот Хесус Колменар, а осмислена е како неконвенционален пристап на жанрот и преполна е со неочекувани пресврти, надреални моменти и флешбекови. Прилично е јасно дека авторите сакаат серијата да биде различна од сè што се нуди, а тоа особено се однесува на ликовите кои во секој момент можат целосно да ја променат приказната и во секунда да се префрлат од јунак во негативец и назад.
Костимите кријат порака
Серијата од почетокот на прикажувањето имаше одлична гледаност, а од појавата на пандемијата бројките значително се зголемија, но никој не очекуваше дека европска серија ќе постигне ваков успех.
Причината за популарноста делумно лежи и во антикапиталистичките теми што веројатно најдоа плодна почва во овие неизвесни времиња. Имено, преводот на изворното име на серијата е „Куќа од хартија“, а освен што се однесува на парите и нестабилноста на ваквите куќи, воедно е и метафора што се однесува на лажноста на еден систем и на капиталистичкото општество управувано од банките без да ги разбере потребите на „малиот човек“.
Црвената боја што преовладува во серијата е симбол на љубовта, смртта, но и отпорот.
По многу револуции низ светот, црвената боја стана симбол за нова слобода, а бидејќи реалноста ја имитира уметноста, костимите за серијата се појавија за време на протестот во Порторико на кое демонстрантите минатиот јули бараа оставка од гувернерот Рикардо Росел.