Германец, заразен со корона вирус, вработен во делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, изолиран е во база на ЕУФОР кај Сараево, откако два пати се обидел да избега од болница. На Германија ѝ е испратено барање за негово враќање во земјата, пренесува новинската агенција Бета.
ЕУФОР соопшти дека доцна синоќа медицински лица од болницата Кошево во Сараево довезле еден припадник на делегацијата на ЕУ во БиХ со потврден коронавирус во базата Бутмир. Се додава дека тоа лице ќе остане во изолација во базата сè додека не се завршат сите подготовки за негово враќање во Германија.
Тој човек вчера два пати се обидел да им побегне на медицинските работници во објектот за изолација Подхрастови во Сараево.
По првото бегство бил лоциран во градот и сместен во возило на Брза помош, но во тек на транспортот повторно се обидел да побегне. По фаќањето бил префрлен во базата Бутмир.
Шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер изјави дека е шокиран од настаните.
„Длабоко сум вознемирен со случувањата во врска со заразениот член на нашиот тим“, нагласи Сатлер и додаде дека се работи за „вредна и одговорна личност која немала психички проблеми“.
Извор: Радио Слободна Европа