Организаторите на Евровизија, откако одлучија да го откажат овогодинешното издание на Евровизија во Ротердам, Холандија, најавија дека и покрај пандемијата од корона вирус, заради што настанот беше откажан, евровизиската традиција ќе продолжи на малку поинаков начин.
Годинава, евровизиската публика ќе има можност да ужива во едно поинакво шоу, насловено Eurovision: Europe Shine A Light. До сега 46 јавни сервиси се пријавиле да ја емитуваат специјалната програма наместо евровизиското финале кое требаше да се одржи на 16 мај.
Сите земји кои веќе се пријавиле за учество и емитување на специјалното шоу, се наведени заедно со медиумот на кој ќе се пренесува програмата.
Шоуто нема да има натпреварувачки карактер, ќе оддаде почит на сите учесници на фестивалот и ќе вбројува разни изненадувања за гледачите. Исто така, сите учесници кои требаше годинава да ја претставуваат својата земја на изборот за песна на Евровизија, ќе се приклучат со видео повик од секаде низ Европа за заедно да ја испеат евровизиската песна од 1997, Love Shine A Light од Katrina And The Waves.
Преносот во живо најавено е да трае околу 2 часа.
За повеќе детали, заинтересираната публика може да се информира на официјалниот YouTube канал на Евровизија.
Македонската публика ќе може да го проследи настанот на МТВ.
Извор: eurovision.tv