Во Словенија од денеска почнува масовно тестирање на граѓаните со цел здравствените власти да имаат реална слика за раширеноста на новиот корона вирус, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Според планот, предвидено е во наредните денови да се тестираат вкупно 3.000 граѓани по случаен избор, односно по десет од сите 300 општини во земјата.
Целта е да се добие реална претстава за раширеноста на вирусот, кој ќе ѝ помогне на Владата при носењето на одлуките за динамиката на укинувањата на ограничувањата донесени поради епидемијата на корона вирусот.
Во Словенија од денеска, по повеќе од еден месец, повторно се отворени повеќе продавници, салони и сервиси.
Словенците уште утрово, почитувајќи ги сите мерки, со заштитни маски и држејќи соодветна раздалеченост, ги наполнија салоните за мебел и продавниците за градежен материјал.
Според планот на властите, оваа недела се отвораат и продавниците за градинарски работи, станиците за технички преглед, сервисите за автомобили и велосипеди, сервисите за хемиско чистење и малите работилници.
Од денеска повторно се отворени и терените за тенис и голф, а сообраќаат и автобуските линии за организиран транспорт на работници.
Набрзо ќе бидат отворени и фризерските и козметичките салони.
Ваквото олабавување на мерките доаѓа откако податоците на Националниот институт за јавно здравје на Словенија покажуваат се помал број лица заразени со новиот корона вирус.