Задолжителното носење заштитна маска, марама или шал за да се покријат устата и носот, кое од среда ќе биде задолжително во Прилеп, Куманово и Тетово, ќе го контролира полицијата. На почетокот ќе се даваат само опомени, но потоа и казни, јави МИА повикувајќи се на брифинг од Владата.
„Целта не е да се казнува, туку да се обезбеди што е можно пошироко почитување на мерките, од сите. Ако дојде до изрекување казна, полицијата ќе има обврска да има фотографија со која ќе ја оправда мандатната казна. Целта е да не се даде можност за казни без покритие“, велат од Владата.
Оттаму велат дека на овој начин се зајакнуваат меките мерки за да не мора да се заоструваат рестриктивните.
За ова информираше на својот Фејсбук профил и потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, кој објаснува и како ќе тече олабавувањето на рестрикциите.
„Тоа ќе се одвива во неколку фази. Во првата фаза ќе се намали времетраењето на полицискиот час, но задолжително сите ќе мора да носиме маски/марами, а остануваат и мерките за забрана на групирања и задолжителна дистанца од 2 метри“, пишува Петров.
Инаку, носењето маска, марама или шал, кога се излегува на улица, со вчерашната одлука на Владата стана обврска за жителите на Прилеп, Куманово и Тетово.
Во уредбата со законска сила што треба да ја донесе Министерството за здравство по извесен период оваа обврската треба да важи и за целата територијата на државата.