Европската недела на имунизација ја промовира основната порака – имунизацијата е неопходна за да се спречат болести и да се заштити животот. Достапни се ефективни и безбедни вакцини, кои штитат од голем број сериозни заболувања, а се развиваат и многу нови ветувачки вакцини, соопшти Министерството за здравство.
Континуирано, посочуваат од Министерството, преземаме бројни активности за унапредување на веќе успешниот систем за имунизација во државата спроведуван од страна на службите за имунизација во здравствените домови и навремено обезбедуваме вакцини од светски реномирани производители, кои задолжително исполнуваат строги критериуми за квалитет.
Во однос на актуелната ситуација со корона вирусот и континуираното и тековно спроведување на имунизацијата, уште на самиот почеток, Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизација донесе препорака дека вакцинацијата треба/мора да се спроведува континуирано, согласно Календарот за имунизација.
Минатата година успешно се справивме со епидемијата на мали сипаници. Со преземањето интензивните мерки со цел заштита на населението од епидемијата, од почетокот до нејзиното одјавувањето се вакцинираа 49.332. Во 21 век, секое дете има право да живее ослободено од болести што можат да се спречат од вакцинирање, но овие болести сè уште претставуваат значителни закани во Европскиот регион. Како резултат на тоа, зајакнувањето на имунизацијата останува клучна активност, потенцираат од Министерството за здравство.