Владата уште на почетокот на здравствената криза со коронавирусот, препозна дека една од повеќето важни задачи што претстојат е навременото, постојано и веродостојно информирање, а со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата, се вели во соопштението за јавноста од Владата на С.Македонија.
Од таму нагласуваат дека централна алатка на таа стратегија беа и останаа дневните прес-конференции на официјалните институции, кои во зависност од динамиката и развојот на кризата се реализираат најмалку еднаш дневно. На прес-конференциите главен фокус имаат информациите кои доаѓаат од Министерството за здравство, согласно типот на кризата, а често се организираат мултиресорни прес-конференции или прес-конференции на други министерства кои навремено известуваат за сите важни и сервисни информации за потребите на граѓаните. Пристапот на медиумите до сите прес-конференции на Владата е непречен преку различни комуникациски канали (видео врска, емајл, телефон, чет апликации и слично).
„Овие принципи на комуникацијата на Владата со медиумите одеа во прилог на препораките на Здружението на новинарите на Македонија и на Европската федерација на новинари (ЕФН), медиумите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста при известувањето за коронавирусот и КОВИД-19, да се придржуваат до етичките правила при своето работење и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника во јавноста и да отстапат простор на експертите кои се квалификувани да известуваат и коментираат за ваквите чувствителни прашања.
Во истата насока би сакале да се заблагодариме на ЗНМ, за заложбите и посветената работа за точно информирање од страна на медиумите и апелите кон медиумите за воздржување од сензационализам и дезинформирање, односно придржување до Етичкиот кодекс при известување за пандемијата.
Владата ја прифати како апсолутно соодветна и препораката „граѓаните да внимаваат од кои медиуми се информираат за овие теми и предност да дадат на медиумите кои се дел од регистарот на професионални онлајн медиуми“ (ЗНМ: Новинарите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста, 10 март 2020 година).“, се вели во соопштението од Владата.
Тие ја потенцираат флексибилноста кон настанатата ситуација и велат дека како што пандемијата започна да постигнува интензитет, така Владата реагирала на новонастанатата ситуација сѐ со цел да се обезбедат услови за заштита на новинарите во извршувањето на нивната работа.
„Можноста за вклучување во живо на онлајн прес-конференции, како и можноста за обезбедување дозволи за движење за време на полициски час, Владата мораше да ја обезбеди согласно постоечки професионални и независни критериуми. Владата за таа цел се водеше според сите постоечки регистри на медиуми во земјата, без оглед дали доаѓаат од регулаторното тело АВМУ или се саморегулирачки како тој на ЗНМ/СЕММ. Во време на вонредна состојба, кога граѓаните се потпираат на информациите од медиумите за да го заштитат сопственото здравје, Владата мора да го штити јавниот интерес и професионалното известување, а нема подобар начин да се следат критериуми и стандарди, од тоа да се земат предвид постоечките регистри на професионални медиуми, кои секако не ги креира Владата.“, се нагласува во соопштението.
Од Владата го истакнуваат и тоа дека и на онлајн прес-конференциите е овозможено следење на македонски и албански јазик и на знаковниот јазик.
„Дополнително, воведена е пракса за секоја прес-конференција медиумите да можат да испратат на емајл или на другите канали прашања кои говорниците редовно ги земаат предвид и ги одговараат. Во Владата секој ден пристигнуваат прашања од медиумите кои веднаш или во оптимално време се одговараат и се адресираат до новинарите или редакциите што ги испратиле. Прашање и одговор преку е-пошта може да добие секој новинар, без разлика дали доаѓа од медиум кој се наоѓа во постоечките регистри или не.“
Уважувајќи ги предлози на ЗНМ за дополнително унапредување на двонасочната комуникација меѓу владините претставници и претставниците на медиумите, од Владата информираат дека не постојат пречки на новинарите кои учествуваат во онлајн видео конференциите да им се овозможи да постават дополнително потпрашање, доколку со одговорот не добиле целосна информација и оваа можност веќе станува пракса.
Тие нагласуваат дека прес-конференциите кои речиси секојдневно се одржуваат во Владата не се и никогаш нема да бидат заменети со снимани емисии. Информативните прес-видеосесии имаа за цел да обезбедат дополнително информирање на граѓаните, при што на истите се одговараа и собрани прашања од граѓани кои стигаат до прес службите во Владата, а за кои немало можност да бидат адресирани со прес-конференциите. Последните две прес-видеосесии, вклучително и посочената „КОВИД-19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот” се реализираа во живо, не беа снимени и беше овозможено и реализирано вклучување на сите заинтересирани медиуми, при што новинарите им поставуваа прашања на претставниците на медиумите и добиваа одговори.
Од Владата нагласуваат дека остануваат отворени за сите предлози на медиумите и потенцираат дека во таа насока Владата во своите политики демонстрираше капацитет и слух за секоја конструктивна насока која доаѓа од медиумите и дека така ќе се продолжи и понатаму.
На крајот од соопштението Владата изразува благодарност до ЗНМ и до сите медиуми и медиумски работници за посветеноста за информирање на населението за подобро справување со коронавирусот.