Кинеските власти денеска соопштија дека ќе издвојат дополнителни 30 милиони американски долари за Светската здравствена организација (СЗО), откако САД го суспендираа финансирањето за агенцијата на ОН.
– Тие пари се исклучиво за превенција и контрола на Ковид-19 и за да се помогне во развојот на здравствените системи во земјите во развој, рече Генг Шуанг, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
САД го прекинаа финансирањето на СЗО претходно оваа недела, обвинувајќи ја организацијата дека не реагирала соодветно на заканата од новиот корона вирус и се под силно влијание на Кина, иако добиле најголема сума пари од САД.
-Поддршката на СЗО во критичен момент во борбата против пандемијата значи да се бранат идеалите и принципите на мултилатерализам и статусот и угледот на Обединетите нации, рече портпаролот. Тој потсети дека Кина веќе плати 20 милиони долари на организацијата на 11 март.
По одлуката на администрацијата на Трамп да го прекине финансирањето на СЗО, Пекинг ги обвини САД за „поткопување на меѓународната соработка во борбата против Ковид-19“ и го повика Вашингтон сериозно да ги сфати своите обврски и одговорности“.
САД се најголем донатор на Светската здравствена организација, со повеќе од 400 милиони американски долари во 2019 година, околу 15 проценти од нејзиниот буџет.