Битката со дрогата е деноноќна. За само еден ден, се бележат две успешни акции, во Арачиново и Трубарево, со заплена на значителни количини дрога.
Саботниот ден, 25 април, за припадниците на Бирото за јавна безбедност при МВР започна со акција во Трубарево. Во полициските извештаи стои дека околу 10 часот во скопското село Трубарево, полициски службеници забележале сомнително возило „пасат“ со скопски регистерски таблици. Две лица влегле во возилото и се дале во бегство и кај железничката рампа во населбата Хиподром удриле во вагон од воз кој сообраќал по железничката пруга. Откако удриле во вагонот, сомнителните излегле од возилото и почнале да бегаат.
Возачот, додека излегувал од возилото, фрлил една кеса и едно пакување со 112 таблети екстази, една кеса со 1000 таблети екстази и една кеса со 750 таблети екстази, 80 грама амфетамин и пет грама сива кристална материја. По извршен преглед на возилото, пронајдени се и 800 грама марихуана и една дигитална вага.
Акцијата на Бирото за јавна безбедност продолжи понатаму. Подоцна, во текот на денот, по претходно издадена судска наредба, извршен е претрес во куќа во Арачиново, при што се пронајдени и запленети 33 полиетиленски кеси во кои имало хероин и две дигитални ваги.
Според првичната проценка, запленети се околу 2,2 килограми хероин, но точната количина ќе биде позната по извршената анализа и мерење.
По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава до јавното обвинителство, информираше Директорот на БЈБ, Тасевски.