Олабавувањето на мерките е логична последица на олабавувањето на епидемијата. Тоа следи откако веќе од половината на април имаме епидемиска крива со стабилно плато. Значи, не врв, туку плато, вели за Мета.мк епидемиологот Драган Даниловски.
– Зошто плато? Затоа што тоа и беше идејата на спроведување на мерките: да се израмни (растегне) епидемиската крива во што подолг период. Зошто? За да се јавуваат што помалку пациенти на дневна основа, а со тоа да не се дозволи пречекорување на капацитетот на здравствениот систем. И тоа е постигнато – вели Даниловски.
На прашање дали порелаксираното однесување на граѓаните ќе има неповолно влијание на текот на епидемијата, тој вели дека не би требало да има проблем ако секој граѓанин ги почитува мерките на лична заштита.
– Ако граѓаните одржуваат дистанца кога се излезени надвор, и се придржуваат до новововедената мерка за носење маски во секоја прилика, па дури и на отворено, (ако не е можно да се одржи физичката дистанца), мислам дека сѐ ќе биде во ред. Мислам дека дадената можност движењето да е дозволено подолг период во денот, ќе придонесе граѓаните да можат физички да се раздвижат, да вдишат чист воздух, да впијат сончеви зраци (и со тоа да акумулираат витамин Д), а сето тоа ќе придонесе кон подобрување на општото здравје – вели Даниловски.
На темата дали треба да се отворат градинките и училиштата, Даниловски вели дека тој лично не би експериментирал со тоа, со оглед на тоа што децата лесно го поминуваат вирусот, но се опасни преносители.
– Во Германија училиштата се отвораат на 4 мај. Ние не сме полоши од Германија во однос на состојбата со корона вирусот, но треба да имаме предвид дека нашиот менталитет не е германски. Затоа не сум сигурен како отворањето градинки и училишта ќе се одрази. Јас не би експериментирал – додава Даниловски.