Од почетокот на годинава исплатени се 85 милиони евра за субвенции, од кои 30 милиони евра се за производителите на тутун, а 55 милиони евра се за останатите земјоделци. Сите директни основни плаќања, односно субвенции по глава и по хектар се исплатени, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски на вечерашната дебата на телевизија Телма.
„Денеска околу 110 милиони денари се префрлени за останати обврски и се надевам дека од овие пари ќе се исплатат 400 денари за заклано јагне предадено во кланични капацитети за минатата година, како и за дополнителната мерка од 700 денари за оставено женско јагне во сточниот фонд“, додаде Димковски.
Тој нагласи дека за оставено женско јагне вкупната финансиска поддршка е зголемена на 2500 денари, што на некој начин значи субвенционирање на целата вредност на јагнето.
Министерот Димковски најави дека наскоро ќе почне дистрибуцијата на зелените картици за субвенционирање на „зелената нафта“ за 2020 година.
„Подигнувањето на зелените картици за 2019-та година е до крај на овој месец, се чека да заврши овој рок, и ќе се влезе во дистрибуција на зелените картици за 2020 година, односно преземени на аплицирани субвенции за 2019-та година бидејќи така беше и минатата година. Оваа година субвенцијата за покривање на трошоците за гориво е 50 отсто. Во текот на следниот месец би започнал овој процес“, додаде Димковски.