Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, лоцирано во општината Кисела Вода, и во овој период, кога цел свет се соочува со предизвиците кои ги носи корона вирусот, најде начин да ги држи активни своите ученици.
Специјалните едукатори и рехабилитатори Марија Србиноска и Мери С. Јовановска, изработија мотивациски календар за учениците од ова училиште, кој нуди совети и ангажмани за секој ден од месецот.
Покрај ова, овие специјални едукатори и рехабилитатори, заедно со учениците од ДУРМДОВ „Димитар Влахов”, изработија и видео во кое учениците раскажуваат како ги минуваат деновиве во кои ги почитуваат Владините препораки- да се седи дома и да се биде безбеден и за себе и за околината.
Насловен „Започни со тоа што е задолжително, потоa направи го тоа што е можно и одеднаш го правиш невозможното”, календарот нуди 31 активност преку кои, како што се вели, ќе се сочуваме себеси и останатите.