пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Се јавувам, почитувани, од Оксфорд, кај што паралелно со истражувањата околу вакцината против коронавирусот, интензивно работиме на проучување на тоа дали Бугарите и Македонците некогаш биле ист народ. На одреден број макаки мајмуни извршивме тестирања кои треба да ни покажат дали вакцината против ковидот 19 може да делува и врз совладување на историските разлики меѓу Македонците и Бугарите, но рано е за какви било категорични заклучоци.
Лично мислам дека сите нации се дестилати на ограничен број говна на хомо сапиенсот, но јас не сум антрополог, моето мислење е нерелевантно, говната и дестилатите можат да бидат спокојни.
Но, знам дека јас и Хорхе, хм, се сеќавате ли на тој лепотан, човеколикиот Македонец од највисок ред, кој овие, кои тврдат дека никогаш не биле еден народ со Бугарите, море и со Русите, и со Корејците, и со Американците и со кој било друг народ, зашто, на почетокот, нели, било словото и биле Тие, два пати го бираа за свој претседател, бевме.
Подолго време, обаче, не сме.
Тој е, сепак, посебно говно.
На толку бомби, моето писмо до оваа креатура, напишано во ноември 2013 година, остана необјавено.
Срамота!
Дозволете да ја исправиме таа неправда, кон него, кон мене и кон историјата:
“Многу сум близок со хрватскиот писател Анте Томиќ, кој во полемиката со хрватскиот професор Нино Распудиќ, изјави дека ако тие двајца останат последни Хрвати, тој (Анте Томиќ) ќе се изјасни како Апач. Јас не знам дали ќе се изјаснам како Апач, ако вие се изјасните како Македонец на последниот попис на преживеаните внуци на Аминта и на Каран, но знам дека како Македонец нема да се регистрирам- сигурно. Ако вас ве изберат за шеф на Симфонискиот оркестар, јас ќе ја скршам виолината. Од “страдивариусот” ќе направам крш. Ако некогаш ве изберат за претседател на Фиџи, јас ќе престанам да бидам Фиџ. И нема да играм рагби. Ако вие се пишете православен христијанин, не знам што ќе се пишам јас, но, знам што нема да бидам, дури и пред најтешката клетва на Перо од Битола. Ако во финалето на Светското првенство во фудбал, вие навивате за Македонија, јас ќе навивам за Бугарија, тамам и Аспарух со коњската опашка да им игра центарфор, на местото на дебелиот Красимир.”
Ете, почитувани, така беше пред седум години.
Помалку е важно, сакам да кажам, макар што можеби не изгледа така, дали Македонците и Бугарите некогаш биле ист народ, од одговорот на прашањето дали јас и Тања Каракамишева некогаш сме припаѓале на ист национален корпус?
Или јас и Катица Ќулафкова?
Или кој и да е друг нормален човек во Северна Македонија со Христијан Мицковски?
Или со Никола Груевски?
Со Антонијо Милошоски?
Кој оксфордски Макаки некогаш можел да биде во ист родов корпус со оваа чудовиште?
Кој охридски човек можел на така груб начин да ја заебе еволуцијата и господинот Дарвин во неговите волшебни пресметки со Бога, да речеме?
Дали сме ист национален корпус јас и моите другари од една страна и тие кои дозволија и не само што дозволија, туку и се радуваа, всушност, го овозможуваа како материјална сила, процесот на општата кретенизација на тоа што до пред петнаесетина години беше фина, скромна, надежна нација на Македонците. Мислам на оние кои низ низа избори и низ општата боја на политичкиот и културниот дискурс, го аминуваа раскурцувањето на институционалниот ред и поредок на државата, односно државата како таква. Што ќе рече и нацијата.
Колку пати сум рекол дека не можете да бидете и Македонци и вморони, истовремено. Знам дека е тешкичко тоа да се разбере, но, така е. Скопје 2014 господа, сто пати сум го кажал, што би рекол Љубчо, пак ќе го кажам, не беше само проект за пљачка, ниту проект за барокно разубавување на главниот град, туку културна мелиорација на просторот за да се остават артефакти и други материјални докази дека на почетокот на 21 век во долината на реката Вардар живееле идиоти. Не постои нација која би дозволила да и се случи таков масакр. Односно таков масакр е сунѓер за бришење на нацијата од таблата на историјата. Не стигнавме да оставиме ниту мала трага дека макар сме пружиле отпор. Немојте да мислите дека сум нескромен, но, јас во мојата област се борев. И оставив траги.
Што имам јас заедничко со тие што тоа го сторија или му се радуваа!?
Што беа актери во општата демонтажа што ја изведоа четите на вмро.
Па, не во проекциите на минатото, драги мои, јас денеска попрво ќе одберам да бидам Бугарин, отколку таков Македонец.
Сигурно!
Сто отсто!
Во “Корзо” ми велат, Тричко, веројатно сте биле исти курац, бе, брат, но денеска не сте, сигурно, ти си повеќе од родот на Моника Белучи, по темпераментот или на Шарлиз Терон по бојата и мекоќата на духот, ти си од народот на Џорџ Клуни, кога повнимателно ќе те погледнеме, имаш нешто и индијанско, како Присли или оној Брандо си повеќе отколку од родот на Гордана Силјановска, па тоа се гледа од авион, човеку, не ти треба никакво огледало, скен, магнетна резонанца или Тентов и Жежов да ти раскажуваат приказни, уште помалку има потреба да го будиме од мртвите Димитров научно да ве изнивелира во Бугари.
Сакам да кажам, не можеме ние, еве, нека ми биде дозволено да зборувам во трето лице множина, по сите прашања да се однесуваме како пијана дружина вморони, со јагнешко печење, со Македонија како јагнешко печење, што ни виси од устите и рујно вино што ни се цеди низ брадата, а кога некој ќе го чепне Гоцета, да се исправаме на задните нозе како големи Македонци.
Од таква самоизедничка, баханална љубов, не стигнавме да се конституираме и интегрираме, од просерување не стигнавме да си го стиснеме шупакот и да отидеме на големиот бал на Европа, постојано вадиме нови справи за самоизмачување и самоуништување, првин беше уставот, па преамбулата, па уставните измени, па територијалната поделба, па името, па референдумот, еве го сега на дневен ред Гоце и потеклото на врстите.
Таа актуелна диференцијација меѓу нас е резултат на ударот на балтијата (така викаат во Берово) на вемерето врз благородното македонското дрвце, при што на едната страна отиде цепаницата на чипирани идиоти, во која одбраа да бидат тие и друга, на колку толку нормални хора, во која нескромно се ставам и себе си. И затоа велам дека без девмровизација од Македонија нема ништо.
Втората светска војна како контекст и конкретните решенија што во тој контекст ги презедоа Бугарија како држава и Југословенската комунистичка партија на другарот Тито, на спротивната страна на глобалниот судир, ја одигра улогата на секирата која од Македонија направи југословенска цепаница.
Посебна држава и нација.
Нестварен успех.
Подвиг над подвизите.
Можело да биде и поинаку, се разбира, но не било.
Важно е дека никаква историска диференцијација меѓу двата народа не ги генерирала клучните процеси во тоа време, туку тоа биле конкретните решенија кои, пофторно, во својата генерална ориентација, не биле донесени тука. Тие, односно ние, повеќе бевме и сме последица на општата историја, отколку субјекти.
Малите нации, рекол Срѓа Поповиќ, немаат свои истории.
Имаат заслуги, имаат жртви, памет или отсуство на памет, и во последиците треба да се учествува и тие треба да се градат, карактер и слично, но авторство на големите историски четки- не.
Македонците и Бугарите низ еден многу долг период немале низ што друго да се диференцираат, освен преку бројот на овците и козите, евентуално. Царштините, верата и бескрајно бавните комуникации малку ги нивелирале, малку ги култивирале разликите и малку ги оставале како гориво на општествената динамика.
И денеска е исто.
Европа ќе не изнивелира во стандардите, во правото и правноста, во демократијата, во општите вредносни ориентации, а националните чувства, јазиците, културните преференции и дострели ќе останат да го динамизираат континентот и да ги збогатуваат можностите на човековите реализации.
Во многу работи Бугарите се во право, но тоа не ја прави нивната реакција помалку неблагородна, примитивна, би рекол, провинцијална, племенска, неевропска, од таа на Македонците, односно на тие што врескаат како лично Гоце да станал од гробот и да ги штипе за голиот задник.