Претседателот на „Алтернатива“, Африм Гаши, вели како што изборите закажани на 12.април беа одложени поради здравствени причини, така здравствените експерти треба да го кажат и периодот кога најбрзо тие може да бидат спроведени за да биде одреден и датум.
-Пред два месеци се собравме на лидерска средба и без примедба од некоја партија, сите се согласивме дека условите кои не затекнаа, нема да дозволат да се одржат изборите на 12.април. Јас мислам дека треба да се водиме по тој аргумент. Дека ако поради здравствена причина сме ги одложиле изборите, од таква причина треба и експертската здравствена фела да каже кој датум ќе може да се одиваат изборите без да се доведе во прашање здравјето на граѓаните, изјави Гаши во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Тој смета дека крајот на месец јули, почетокот на август би можело да биде добар период за да бидат подготвени изборите.
-Сега не треба да се врзуваме со политички проценки туку мисијата треба да биде функционален систем. Недела порано или повеќе ако бидат изборите, на ниту една партија нема да и донесе глас повеќе или помалку, потенцира лидерот на „Алтернатива“.
Гаши вели дека Собранието треба да се состане, бидејќи тоа е во постојано заседание.
-Пратениците остануваат пратеници се додека не се се состане нов состав. Собранието е најдобро место за дебата, изјави тој.