По лидерската средба и прес конференцијата, претседателот на социјалдемократите преку Фејсбук пост се осврна на главните точки за кои на средбата станувало збор, можноста и условите за избори, како и приоритетите на СДСМ за ставање во функција на сите институции во служба на народот.
На лидерската средба кај претседателот Пендаровски заклучивме дека ред е Владата да побара попрецизни одговори од ОБСЕ/ОДИХР за да кажат кога точно може да ја испорачаат набљудувачката комисија, како и соодветни протоколи на однесување препорачани од здравствените комисии, во однос на организирање и спроведување на предвремените парламентарни избори.
За едно нешто сите се согласивме – нема поважна работа за нас политичарите од здравјето на граѓаните.
Но, мора да живееме со корона вирусот, бидејќи ниту во светот и Европа, ниту кај нас некој може да каже кога ќе заврши или дека ќе нема нови заразени во иднина.
Водењето грижа за здравјето на граѓаните е обврска на сите институции и час поскоро нив треба да ги ставиме во функција, а тоа се Парламент и политичка Влада коишто ќе носат одговорност.
На почетокот на следната недела повторно ќе одржиме средба на која ќе бидеме подготвени да разговараме за датум за изборите, напиша Заев на Фејсбук.
А. Н. Стојчевски