Кралството Норвешка како пријател и поддржувач на нашата земја, освен досегашната помош како што е мобилната болница кај Инфективната клиника во Скопје, ќе донира и дополнителни средства за борба против корона вирусот во износ од 100.000 евра потрошни медицински материјали, соопшти министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Со норвешкиот аташе Егил Далтвеит утринава преку ZOOM го потпишавме Протоколот за донација која Кралството Норвешка ќе ја даде за нашата земја за справување со последиците од коронавирусот.
Донацијата се состои од потрошни медицински материјали за мобилната болница која е исто така донација од нив, а во вредност од 100 илјади евра.
Чекорот на Норвешка освен што говори за одличната билатерална соработка, е и силен пример за солидарност меѓу земјите членки на НАТО чија 30-та членка од годинава е и Република Северна Македонија, напиша на Фејсбук министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.