По повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, евроамбасадорот Самуел Жбогар испрати порака дека заштитата од дискриминација на ЛГБТИ лицата е клучна за секое демократско општество, а идните земји членки на ЕУ треба да се придржуваат кон политиките на ЕУ.
„Во Европската Унија сите треба да се чувствуваат безбедно и да ја имаат слободата да бидат она што се. Потребна ни е еднаквост за сите и еднаквост во секоја смисла на зборот. ЕУ, како глобална сила за промени кон подобро во која почитувањето на човековите права и достоинство е темелна вредност, а ‘Обединети во различноста’ нејзин најпрепознатлив слоган, мора да биде пример за тоа што значи еднаквост во секојдневниот живот. Ова се очекува од сите земји-членки – сегашни и идни“, вели Жбогар.
Натаму тој наведува дека борбата за правата на ЛГТБИ лицата произлезе од повеќевековната историја на општествен притисок и индивидуално страдање и оти ЕУ постигна многу во институционализацијата на таа борба. Сепак, како што наведува Жбогар, претстои уште работа и оти очекува идните членки да го следат нивниот пример.
„Пред неполна година, Северна Македонија успешно ја организираше првата Парада на гордоста. Се подготвува регулирање на процедурите за признавање на родот. Граѓанското општество и полицијата почнаа соработка во однос на процедурите во врска со ЛГБТИ лицата“, вели Жбогар.
Сепак, како што посочува, говорот на омраза и предрасудите во општеството кон ЛГБТИ лицата се присутни, особено на социјалните мрежи.
„Сторителите на нападите врз ЛГБТИ-центарот во Скопје од пред неколку години сè уште не се идентификувани и изведени пред лицето на правдата. Постојат извештаи дека трансродови лица биле предмет на негативен однос од страна на медицински лица и дека немаат целосен пристап до здравствени услуги. Тоа не смее да се случува“, наведува Жбогар.
Евроамбасадорот истакнува дека правната заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата е клучна во секое демократско општество. Оттука и потребата од ефективно антидискриминациско законодавство, во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет, меѓу останатото, претставуваат правна основа за заштита.