Лажните вести, манипулирањето на фактите и селективниот пласман на вистината се едни од главните проблеми во информирањето во оваа дигитална ера, и затоа, проверката на фактите е клучен сегмент во развојот на едно општество во кое критичкото мислење се оформува како урнек на тоа што се пласира на јавните сервиси за информирање.
На оваа тема направивме интервју со Филип Стојановски, експерт за информатичко општество и медиуми, и активист, инаку директор за партнерство и развој на ресурси во фондацијата Метаморфозис.
ФРОНТЛАЈН: Може да ни објасните нешто повеќе за тоа што е инфодемија?
СТОЈАНОВСКИ: Терминот инфодемија во последно време се употребува како еден вид предупредување за тоа дека заедно со пандемијата односно со епидемијата на Ковид-19 се шири и една епидемија на дезинформации. Тоа опфаќа не само лажни вести, односно неточни тврдења и слично, туку и тврдења кои што се полувистинити, спинови, но и огромен број на шпекулации кои што на луѓето им прават проблем да дојдат до вистината. Сето тоа на купче доведува до збунетост, фрустрација и често погрешни одлуки од страна на самите жртви на таа инфодемија, а сите сме во таа група бидејќи на сите нам ни влијае она што го добиваме било преку официјалните, било преку социјалните медиуми или преку директните разговори меѓу луѓето.
Темата на заразата со Ковид-19 или поврзаните теми се преокупација на целиот свет и затоа верувам дека и кај многу луѓе таа преокупација доведува до низа дополнителни предизвици во секојдневниот живот покрај она што го имаме како потреби да ги применуваме мерките за заштита, или да ги поднесуваме мерките за карантин или економските последици, ова влијае и на психолошката состојба, на менталното здравје, но и на директните постапки на луѓето, што само по себе е зголемувач на опасностите од физички зарази.
ФРОНТЛАЈН: Каква е состојбата со лажните вести во време на пандемија во нашата држава?
СТОЈАНОВСКИ: За жал ние имаме многу непријатна ситуација, многу тешка ситуација со медиумските состојби од претходно, бидејќи низа појави кои што ја оптеретуваат нашата јавност веќе со децении и многу е тешко да се решат, особено бидејќи голем дел од пропагандната машинерија на претходниот режим е практично нечепната.
Тие можеби сега не добиваат толку многу пари од државата, иако се наредија истите тие медиуми во редот на оние баратели на средства, или приматели на средства при избори и слично, за медиумска промоција, но имаат и акумулирано доста ресурси, имаат поддршка од олигарси кои што имаат акумулирано ресурси, а знаеме и дека им доаѓаат и средства од земји каде што поддржуваат ретроградни тенденции, како на пример од Унгарија каде што постојат сојузници на претходниот режим кои што и обезбедија и прибежиште за криминалци од тие редови, и затоа целата таа ситуација ја прави состојбата со лажни вести многу покомплицирана.
Колку што може да видиме, јас немам сознанија дека досега биле применети претходно најавените мерки дека одредени преносители на дезинформации во врска со пандемијата ќе бидат санкционирани, иако секојдневно имаме на повеќе нивоа една продукција и ширење на неточни факти за самата болест, за поврзаноста со општествените процеси, како и за сите други прашања кои што ги оптеретуваат нашите граѓани, а можат да се доведат во врска со тековната ситуација, се со цел подривање на демократскиот систем бидејќи краен резултат на ширењето на недоверба е, еден фактор во тоа се и лажните вести, е недоверба на граѓаните и невклопување во мерките на системот што потоа ги загрозува сите, и оние кои што се жртви, односно што подлегнуваат на заблуди, и нивните семејства и луѓето кои што едноставно не подлегнале на тие заблуди.
ФРОНТЛАЈН: Кои платформи им се на располагање на граѓаните и на професионалните медиуми за учество во борбата со лажните вести?
СТОЈАНОВСКИ: Имаме ние неколку иницијативи во земјата кои што постојат повеќе време и кои што практично се фокусираат на проверка на факти, и сите тие се на некој начин ангажирани во нудење на информации и верифицирани податоци како и разоткривање на разни манипулации медиумски, поврзани со тековниве состојби.
Таква е да речеме, Метаморфозис има основано три такви платформи. Едната е Вистиномер која што се занимава со политички манипулации, односно ги следи изјавите на политичарите или политичките актери како и нивните ветувања, и потоа верификува дали се исполнети или дали се точни или не. Втората е Сервисот за проверка на факти од медиумите која што функционира од аспект на новинарските стандарди, а трета е нашата платформа за критичко мислење наречена КриТинк која што е дел од проектот поддржан од Европската Унија наречен „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“.
Сега, оваа последна платформа ги комбинира искуствата од претходните две особено Сервисот за проверка на факти, и ги споредува и медиумските производи и нивниот одраз на социјалните мрежи, оние теории на заговор што се шират меѓу луѓето и без некое посредство на технологија, исто така знаеме дека во последно време во нашата земја се појавија уште неколку платформи со слични намени или намери, едната се вика Ф2Н2, а другата се вика Митбастерс.
Исто така морам да кажам дека освен овие специјализирани платформи, една од најважните, да ги наречеме така, делови од заедницата, се и класичните медиуми, не само во смисла на традиционални технологии, туку и медиумите кои што се бават со едноставно мејнстрим новинарство, сите тие имаат улога во разбивањето на разноразните манипулации и би сакал да видам многу поголема активност нивна на тоа поле, иако ние во нашата работа со проверка на факти веќе од 2011 година се соочуваме токму со еден вид на како да кажам, се соочуваме со предизвик самите медиуми да бидат поактивни во посочување кои делови од медиумската сфера навистина манипулираат.
Едно време постоеше одредена неспремност кај медиумите да ги посочат своите колеги кои што го прекршуваат новинарскиот кодекс така што и тоа не е искоренето, за жал, би сакал.
Дури и откако се основа советот за етика во медиумите кој што исто така е исклучителен важен фактор во оваа сфера и до кој што граѓаните можат да даваат претставки доколку забележат медиумски манипулации, гледаме дека резултатите од евалуацијата на комисијата за жалби на советот многу ретко ги пренесуваат медиумите кои што се предмет на тие пресуди, иако тоа е дел од нивната професионална етика, а и другите медиуми не известуваат за таквите случаи, така што е редок случај тоа да се прави, не само систематски, иако нормално има и позитивни исклучоци, но генерално сметам дека освен овие специјализирани сервиси исклучително е важно и медиумите и самите новинари да сфатат дека проверката на факти не им е конкуренција, туку е дел од новинарството кое што им нуди одредени поспецијализирани услуги, и ним како професионалци, и на јавноста како еден вид, дел од таа јавна дебата.
Исклучително исто така е важен ангажманот на граѓаните кои што не се сметаат себеси нити за новинари нити за медиумски работници, па дури ни за активисти за слобода на говор како што има одреден број кај нас, туку оние кои што навистина се трудат кога ќе видат на социјалните мрежи некој проблематичен пост или содржина, да ја дознаат вистината, да ја пренесат до оние нивни френдови кои што биле заблудени, а особено ако ги пренесуваат проверките на факти на своите профили или во групи кај што се водат дискусии, сега нив им се спротиставуваат армии на партиски ботови, па и некакви комерцијални структури на кои што им одговара овој информациски хаос.
Проблемот со да ги наречеме условно медиумските манипулации од било кој вид не е само во тоа што тие одговараат на одредени политички цели, да речеме екстремистички идеологии кои што сакаат да ја уништат демократијата како што ја знаеме, да воведат некаква илиберална демократија во која што само мала елита на одредени фамилии ќе го користи политичкиот медиумски простор за промовирање ставови или ќе ги злоупотребува стравовите на луѓето, национализмот, ќе поттикнува омраза за да го сврти вниманието од реалните проблеми, туку имаме и ситуација во која што да речеме мали фирми со еден, два, неколку вработени кои што се претприемачи, кои што сакаат да влезат во медиумската сфера, и немаат одредена или имаат блага политичка ориентација да речеме кон некоја десница или екстремна левица или било како, тоа не е толку важно колку што е важно дека го промовираат сензационализмот како начин да добијат што е можно повеќе читатели и преку бројот на тие читатели кои што ги добиваат преку манипулација и преку објавување на работи на кои што дури и човек кој што не би се согласил со изнесеното би кликнал да види каква е оваа глупост или каква е оваа неточност или што е новото со кое што ќе ги лажеме сограѓаните.
Тие луѓе потоа тие податоци за посетеноста ги сервираат на платформи кои што им носат комерцијална корист, да речеме кај фирми кои што водат маркетинг кампањи, маркетинг агенции, големи огласувачи и слично, и во тие преговори на чисто комерцијална основа се зборува за бројки, а не за квалитет, така што некој што објавува полупорнографски содржини, лажни вести за лекови за вирусот кои што немаат врска со реалноста, што поттикнуваат омраза да речеме кон одредени народи личности и слично, но носат таканаречени кликови, тие се земени како повредни од страна на огласувачите и влегува капитал во таквите медиуми, наместо во оние кои што се до крај посветени на целите на новинарството како јавно добро.
И тоа на некој начин создава нелојална конкуренција бидејќи оние кои што се манипулатори се претставуваат како новинари, а новинар не е само некој кој што работи во медиум, туку е некој кој што пред сè се придржува до одредени професионални стандарди, и така што таа дефиниција на новинар е исклучително важна да ја усвојат и сите граѓани за да може да разликуваат кој е што, дали е пропагандист, комерцијален, политички или новинар чија што цел е да ги извести граѓаните, да изврши една јавна функција која што нам ќе ни овозможи да носиме одлуки кои што се во наш интерес, а тоа не можеме без вистинити податоци.
ФРОНТЛАЈН: Кои се активностите и плановите на Метаморфозис во наредниот период, особено имајќи предвид дека се ближат избори?
СТОЈАНОВСКИ: Земајќи ги предвид изборите целиот наш општествен систем влегува во некое друго ниво на функционирање. Уште од кога беа најавени минатата година предвремените избори беше јасно дека многу активности ќе мора да се преобликуваат, за сите тоа важи, од приватниот сектор, до граѓанскиот, до медиумскиот, а особено владиниот, и ние планираме неколку активности.
Ние веќе имаме тековни проекти кои што се засноваат на поддршка на Вистиномер, со поддршка на нет, поддршка на КриТинк од страна на Европската Унија, како и низа други проекти кои што го опфаќаат полето на дезинформации, еден од нив го водат нашите медиумски куќи, агенцијата Мета.мк и ПортАлб.мк и се однесува на детектирање на прекугранични дезинформации, со тоа што тие дезинформации се дефинираат како оние содржини кои што се создаваат во една земја понекогаш за локални потреби, а потоа во друга земја се преземаат преку балканскиве медиумски мрежи или заради тоа што им се познати меѓусебните јазици, и потоа се модификуваат од политички или медиумски актери во друга земја за да служат на нивните политички цели.
Но, потоа, кога ќе се вратат кај нас имаат уште поразорен или понегативен ефект, така се на пример дезинформациите за меѓуетничките односи во Македонија, каде што кога ќе има било каква ситуација кај нас, во Србија таа се презема како доказ за злосторничкиот карактер на одредена етничка група, па потоа таму се филува со дополнителни нивни спинови.
Арно ама бидејќи кај нас огромен дел од медиумите ги користат српските медиуми како извор, потоа истите дезинформации доаѓаат кај нас со додаден кредибилитет во наводници, затоа што доаѓаат од странство особено од одредени земји, и потоа тука се надоврзува целиот тој колонијален менталитет, целата низа геополитички односи исто така и доаѓаме до ситуација кога на Балканот тие прекугранични дезинформации навистина прават огромна штета, особено на процесите на интегрирање во Европската Унија и НАТО, затоа што во секоја од земјиве кои што се кандидати или нови членки и слично, тие создаваат омраза кон некоја друга етничка група или кон државјанин на некоја земја, која што потоа се користи како изговор за да се блокираат одредени процеси.
Она што ние сметаме во однос на изборите е дека стварно мора да се обезбедат што е можно поквалитетни, по проверени информации за граѓаните така што преку сите овие тековни активности планираме да го зголемиме фокусот, и исто така не само на национално или регионално ниво, туку и на локално, имаме и мрежна соработка која што се базира на разни форми на интеракција со локални организации или со локални медиуми, меѓу која што е и шемата за мали грантови на КриТинк, на организации или партнерства кои што работат во своите локални средини, но тие ги пренесуваат оние што се знаења од да речеме некоја поширока сфера, кон луѓето кои што се како што ги нарекуваат на терен, но исто така се важен извор на информации за тоа како тие методи на комуникација или на едукација се примени, и исто така кои дезинформации влијаат на локално ниво.
Ние имаме разни примери за тоа дека слика од еден град, настан кој што можеби нема врска со некаква политичка конотација се пренесува на национално ниво на сличен начин како овие прекуграничниве дезинформации бидејќи луѓето не патуваат многу, не се запознаени со локалните прилики и може многу лесно да бидат изманипулирани, особено за одредени политички прашања или врски. Тоа ни е генерално пристапот.
Искра Ежова
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети