Започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид во авто – кампот „Градиште“, известува градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
„Градежен, комунален инспектор и инспектор за животна средина, утрово, извршија увид по што беше констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување. Согласно тоа, денес, започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид.“, пишува на Фејсбук градоначалникот Георгиески.
– Чувствувам обврска, поради денешните бројни реакции кои лично од граѓаните и преку медиумите пристигнаа за изградбата на ѕид во непосредна близина на Охридското Езеро во авто – кампот „Градиште“, да ве информирам дека инспекциските служби на општина Охрид, на 24.03.2020 година, извршија увид и составија записник. Согласно законските процедури донесено е решение за отстранување со кое на изведувачот му се дава законскиот рок сам да го отстрани, а доколку тоа не го направи во предвидениот рок, општина Охрид ќе го отстрани на сметка на изведувачот – информираше утрово градоначалникот Георгиевски.
Тој рече дека изведувачот на „парапетчето“ на плажата во Градиште не добил одобрение за градба, ниту пак општината има намера да издаде ваква дозвола на објекти кои директно влијаат врз загадувањето на Охридското езеро.
Ј. Ѓ.