Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), најблаго кажано, е згрозен од нападите, навредите и клеветите изнесени на порталот „ДоказМ.мк“ кон нашата колешка Мирослава Бурнс . Згрозени сме од речникот употребен во текстовите на овој портал, кој ниту во најблага варијанта не може да се смета за соодветен во јавниот дискурс, а особено сме згрозени од сексистичките навреди и клевети, дури и навреди што задираат во приватниот живот на „метата“ на нападот .
„Било какви клевети и навреди од овој тип се неприфатливи, а особено се неприфатливи во јавната дебата, односно кога се појавуваат како реакција на еден професионално изработен и реализиран текст на нашата колешка. Сметаме дека треба да се стави крај на времето кога на факти и аргументи се одговора со лични дисквалификации, а во случајов тоа е кренато на ниво, не на „уличарски“ јазик, туку на монструозни конструкции кои ни оддалеку не се во допир со текстот на кој се реагира.
Сметаме дека е време и дека е важно да се солидаризираме во една општа и општествена осуда на овој начин на „полемизирање“ без аргументи, а исклучиво со монструозни навреди и клевети . Ова го потенцираме и од аспект дека порталот „ДоказМ“, како што може да се види на неговиот сајт, е поддржан со рекламни и пропагандни објави на наши реномирани компании . На овој начин излегува и дека еден дел од важните македонски стопански субјекти поддржува ваков дискурс на јавна расправа .
Ја поддржуваме колешката Мирослава Бурнс и ја охрабруваме да ја побара својата сатисфакција по судски пат “, велат од ССНМ.