„Главниот државен интерес во овој период е да бидат институциите целосно функционални, да нема дилеми околу целосно спроведување, почитување на мерките, да има Собрание и да има политички мандат за други прашања, вклучувајќи ги пристапните преговори. Тоа е важно и за политичкиот кредибилитет на Владата, да креира политики, а нас не чекаат и преговори со ЕУ. Преговарачката рамка ќе биде главна водилка за сите реформи“, порача Никола Димторв, како носител на кандидатска листа за ИЕ1 од коалицијата на СДСМ, по координативната средба што денеска се одржа со претставници на кандидатските листи во ОО СДСМ во Карпош. Димитров рече дека ОБСЕ е спремен да се врати со своите набљудувачи и да ги следи изборите согласно препораките и мерките за заштита од пандемијата.
„Нема во моментов договор за нова лидерска средба, мислам дека може да се каже дека има комуникација и се вложуваат напори да се постигне консензус. Треба да мислиме на државните интереси во овој период. Да потсетам дека предвремените избори практично се иницираа на барање на опозицијата, тогаш контекст беше недонесувањето на зелено светло од ЕУ за почеток на пристапни преговори“, одговори Димитров на новинарско прашање дали е во план уште една лидерска средба кај претседателот Пендаровски.