Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола во предвечерието на патрониот празник ја отвори меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ која годинава се одржува само еден ден и без присуство на деца од светот.
Според традицијата, отворена е изложба на слики кои пристигнаа од сите меријани, но младите ликовни уметници останаа дома, во своите држави заради пандемијата предизвикана од Ковид-19.
Годинешен добитник на наградата Гран-при е Мариа Дума од Букурешт, а статуетката ја прифати почесниот конзул на Романија во Битола, Александру Мамакис.
– Мал битолски Монмартр е манифестација, исклучително значајна за нашиот град, манифестација која што ја отвора Битола кон светот, меѓутоа и светот го носи во Битола. Бројот на цртежи кои што пристигнаа годинава, покажува дека така било и во изминатите години. За жал, годинава го немаме џагорот на децата низ нашите сокаци, меѓутоа она што го имаме се нивните цртежи, за што им сме бескрајно благодарни. Оваа манифетација е навистина траен белег за Битола и за битолчани, истакна Наташа Петровска, градоначалник на Битола.
Годинава на адреса на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ пристигнаа над 15.000 творби од целиот свет, а на изложбата во Битола денес беа претставени 717 најдобри цртежи./МИА/