Отворање на туристичките објекти во Хрватска, според планот на министерството за туризам, се предвидува отворање на камповите во Истра, Кварнер и Далмација, како и некои хотели до крајот на мај, а целосното отворање на повеќето хотели и сите други туристички дестинациите се очекува во текот на јуни.
Хрватските граници се отворени за туристи. До крајот на мај патувањето ќе биде олеснето за туристите од Словенија, Австрија, Унгарија, Чешка и Словачка, а во текот на јуни за Германија, Полска и други земји. По влегувањето, туристите мора да имаат потврда за резервација за сместување, а на границата ќе добијат упатства за безбеден престој во земјата.
Два месеци по прогласувањето карантин во Хрватска, според анкетата на на јавниот сервис ХРТ, 18,4 проценти од испитаниците сè уште се плашат од коронавирусот, 43,9 проценти не се плашат, но се претпазливи, а 28,4 проценти воопшто не се плашат, пренесе МИА.
На прашањето дали Хрватска треба да ги отвори своите граници пред туристичката сезона, дури 80 проценти рекле дека треба, 15,2 проценти не се согласуваат со предлогот, а само 4,8 проценти не знаат дали треба или не.
Додека научниците ширум светот се во забрзана потрага по вакцина против коронавирусот, односот на хрватските граѓани кон вакцинацијата е поделен. Речиси половина најверојатно би ја примиле вакцината, 41,2 проценти не би се согласиле со тоа, а 11,5 проценти се неодлучни.
Анкетата, на барање на ХРТ, ја спроведе агенцијата Промоција плус на примерок од 1.400 испитаници со маргина на грешка од пет отсто.