За речиси 45 проценти повеќе пријави за семејно насилство, регистрирала полицијата за времетрањето на полицискиот час во периодот од 12 април до 12 мај.
Поднесени се 85 пријави за кривични дела семејно насилство, од кои најмногу во Скопје, Охрид и Струмица. Дополнително, евидентирани се и 49 прекршоци против 54 сторители, а констатирани уште 373 поплаки од граѓани за семејно насилство.
Од друга страна, ограниченото движење придонело за околу 40 проценти намален број сообраќајни несреќи, особено со тешки последици.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во изминатиот период постапувал по 57 настани за говор на омраза поврзани со КОВИД-19 и по оваа основа до ОЈО се поднесени 33 известувања и две кривични пријави.
Во однос на почитување на мерките за изолација и самоизолација, поднесени се 127 пријави за 150 кривични дела против 169 сторители, а за обврската за носење лична заштита досега се констатирани вкупно 1973 прекршоци.