Еден маж е убиен од огнено оружје за време на синоќешниот протест во Детроит, одржан поради смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис, соопшти локалната полиција.
Портпаролката на полицијата на Детроит, Никол Кирквуд изјави дека синоќа, половина час пред полноќ по локално време, од еден џип е отворен оган врз луѓето кои протестирале во Детроит поради насилната смрт на Џорџ Флојд во Минеаполис.
Во нападот е убиено едно лице. Кирквуд информира дека жртвата е 19-годишно момче, кое починало во болница.
Во уличните немири во кои во Оукланд во Калифорнија учествуваа најмалку 7.500 демонстранти, синоќа загина еден полицаец, а друг е повреден, јавуваат од Си-Ен-Ен.
Локалната полиција соопшти дека во тек е истрага за престрелката. Федералните објекти во Оукланд ги чуваат припадници на Федералната служба за безбедност.