пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Пред недела дена се јавувам кај другар ми да му честитам Рамазан Бајрам. Ќе го прекрстам во Берат, оти не ми е прашан дали сака да го прераскажам нашиот муабет.
– Берат, за многу години празникот здрави живи како сте како поминувате, како помина постот во проклетијава?
Ми вели – Фала, Јане! Не бев фатен на ората другар.
– Јас другар ова го поминав уште во 2003 година, затоа сега ми е полесно. Кога беше во Кина епидемијата со САРС, баш тогаш се погоди и јас бев во Кина по работа. И таму мерки, маски, заштита, карантини триста чуда поминав. Имав контакт со лице кое беше заболено од САРС и на враќање дома, на граница им пријавив на нашиве цариници дека бев во Кина, дека имав контакт со лице заболено од САРС, дека се чувствувам добро, но дека би требало да ми се направи некој тест, што и да е… Ме погледнаа чудно и ми велат – А бе друже, терај кога си здрав, немај гајле, вели Берат.
Берат, таков каков што го дал господ (што би рекол тој), откако стигнал дома и од дистанца се поздравил со фамилијата, прво што направил одма заминал во Инфективна клиника и таму пријавил.
– Ми се чудеа докторите. Ми велеа – Алал да ти е Берат што сам се пријави, а немаш никакви сиптоми. Не ни се случило до сега ова, ми раскажува Берат со смеење.
Му направиле тестови процедура и како што кажува Берат, таа 2003 година, го советувале да се самоизолира толку колку што било потребно, за и покрај негативни резултати, да не си ги зарази домашните, пријателите, соседите. Така и направил.
Берат е фамилијарен човек и живее во Чаир. Се занимава со продажба на обувки. Така и се запознавме. Тој нема завршено високо образование, а зборува неколку светски јазици. Образованието и однесувањето Берат го црпел од лични искуства и како што секогаш ми нагласува, од посетување на џамија и слушање на советите од оџата. Во кои џамии оди, не знам, но веројатно тоа се истите оние каде оди муслиманскиот еснаф во Скопје.
– Затоа сега, Јане, си ја знаев процедурата, си ги почитував сите мерки, си носев маска, дистанца, немав непотребни контакти ни за празникот, ни за време на постот, ни месеци пред тоа. Тоа што треба и што мора за доброто на сите, кога се мора господ разбира, ми вели Берат.
Се немаме видено неколку месеци и не стасав да го прашав дали посетувал џамија за време на вонредниве мерки.
Ми текна на муабетов од пред недела дена, кога денеска ги видов видеава од отворениве кафани и избендерениве гревови по маси, а ми текна и на тие верските „весељаци“ од Гевгелија и Чаир со ората. Простотилукот и себичноста немаат врска со образованието и религијата. Проста маса има и без образование и со докторски дисертации. Има простаци и поклоници на религии има такви и од нерелигиозните. Нема тука титули, нема тука религија, нема двоење и генерализирање – Има луѓе и има проста маса. Тоа е.
Зборот ми е – Не е до два грама образование, не е ни до десни или леви, ни до партии не е, до два грама воспитување и мозок è.
За многу години!
(Раскажаното е вистинска приказна)