Избори мора да има час поскоро, бидејќи најважно за државата и за граѓаните е што поскоро да добиеме институции со целосна функционалност. На нашата парламентарна демократија, на нашата економија, но пред се на јавното здравје, и на сите наши граѓани, на сите ни е потребно ново активно Собрание, за да се носат сите неопходни одлуки за менаџирање на здравствената и економската криза, соопштуваат од СДСМ.
Од таму истакнуваат дека изборите по сила на закон се на истекот на 22 дена по завршување на вонредната состојба, а тоа значи дека изборите ќе бидат на 5 јули – било какво пролонгирање не е можно, ниту од правен ниту од праведен аспект.
„Секој термин за избори кој ќе навлезе во летниот период, ќе го загрози гласачкото право на граѓаните, зашто ќе го спротивстави со правото на одмор, затоа изборите треба да се случат веднаш, согласно законските рокови.
Избори на есен се опасна идеја за здравството и економијата. Државата не смее да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент. Овие две инститиции мора да се во полн технички и политички капацитет, заради успешно справување со Ковид-19.
Изборите се поважни за здравјето на граѓаните и од кафеаните, и од спортските натпревари, и од славите и веселбите. Ако можеме да ги правиме овие, сигурно можеме да одиме на избори, бидејќи тие се целосно безбедни за здравјето на граѓаните.
СДСМ е одговорна партија, а одговорна политика е да се обезбеди работата и функционалноста на сите институции, затоа изборите мора да се одржат час поскоро, а сите политички субјекти, особено ВМРО-ДПМНЕ треба да преземат одговорни чекори и да бидат дел од решението, наместо да бидат извор на проблеми.“ се вели во соопштението од СДСМ.