Младата македонска балерина Стефанија Гаштарска стана дел од ансамблот на најпознатиот руски театар „Бољшој“ во Москва.
18-годишната балерина од Скопје е прва Македонка која станува дел од овој ансамбл. Таа настапи на сцената на овој театар уште пред две години како солистка. Гаштарска е бренд-амбасадор на компанијата „Гришко“, која ги прави светски познатите балетанки.
Стефанија со балет се занимава од девет години, во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на Данилоска-Кочевска. На 15 години заминува да учи во државното училиште во Перм (Русија), едно од најстарите балетски школи кои работат по Ваганова методот, а образованието го продолжува на Академијата за балет на Бољшој. На 16 години настапи во Бољшој, ја играше принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“, на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, на која настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.
Во 2016 година беше финалист на натпреварот “Арабесљуа” , именуван по големата балетска уметница Екатерина Максимова, заштитен од УНЕСКО.
Како што се дознава, во огромна конкуренција, Стефанија дипломирала со највисоки оценки како единствена балерина од странство во руски клас и е единствена од странска земја која влегла во Бољшој, останатите се Руси.
Од цела генерација, вработени се седум девојчиња и едно момче и доколку биде сѐ во ред со ситуацијата со коронавирусот, Стефанија треба да замине од Скопје за Москва на 28 јули.
И.Е.